Не е ниту легенда, ниту сказна. Не е ниту фантазија. Е стварност која се случи во мај 1991 година во подрачјето на Преспа, во пределите на Албанија.
Тој ден беше посебен, еден историски ден, колку трогателен толку и радосен. Небото беше облачно и понекаде врнеше дожд. Езерото овој средпролетен ден беше многу матно. Селаните, гледајќи кон границата, во правецот на патот за Битола, чекаа во кошмар. Овој вечен неасфалтиран пат, кој има почуствувано на грбот кочии влечени од коњите на кираџиите кои ги носеа нашите печалбари во Влахија, во Едрене и во Истамбул, и понатаму, во Мисир, Америка и Австралија; кој има почуствувано на грбот многубројни војски што ги влечкаа изморените нозе за да ги исполнат заповедите на нивните шефови, или тешки возила, влечејќи топовн од различни калибри, тој ден преживеа еден нов настан: десетици, стотици патнички возила наредени зад границата. Стотици илјадници селaни кои излеглe да ги примат на оваа страна од границата…
И за првпат во историјата на ова подрачје се отворија, затворените порти после 46 години. Навлегоа наваму патнички возила, коли што продолжуваа со километри.. коли од секоја марка: од Фиат и Југо од Волксваген и Цитроен, па до Форд, Скода, Москвич, Мерцедес. Бели патнички возила, црни, црвени и жолти, со различни регистрация: SK, PP, BG, TV, PR и други. Безбројните pатнички возила почнаа да се разграничуваат кон Горна Горица, Долна Горица, Туминец, Глобочени, Шулин, Пустец, Леска, Зрноско па до далечното Церје, до грчката граница.
Зад прозорците, младите невести, овие пенелопи од грчката древност, имаат ткаено ложници, шегуни и бела ткаенина, имаат ткаено пеејќи и сонувајќи, чекајќи ги нивните сопрузи што отишле на печалба, не за да ја поробат Троја, но за да го обезбедат лебот за семејството… Се растопија како свеки над разбојте многу невести од Преспа, чесни невести, убави невести очекувајќи со безнадежна надеж.
Веќе постои една старица, која ја ткае белата ткаенина на нејзиниот разбој со очите кон ова џаде каде се движат стотици и илјадници патнички возила. Ќe e нејзиниот Стојан во една од овие патнички возила?
Пристигнаа колите, слегуваат луѓето, се сретнувaат со домаќините: се прегрнуваат, се бакнуваат, плачат, се гледат никогаш невидени. Бие тапанот. Свири кларинетот. По 46 години, за прв пат, момчињата печалбари од ово подрачје доаѓаа да ги видат нивните некогашни огништа…
Удри на тапанот тапанција! Свири на кларинетот мајсторе!… Преспанците протерани некогаш од Малиќ Бег во 1932 година, оддалечени со важечки пасоши во текот на 1946-47 и други неранимајковци кои избегале во текот на последните години, за прв пат му се даде право да допатуваат во родниот крај да ги видат роднините, браќата, сестрите и нивните дедовци.
Од едно патничко возило слегува 104 годишната Митра Баруло, со нејзината сестра 90 и неколку годишна, Љубанка.
– Нема да умреме без да го видевме уште еднаш прагот на нашата куќа, нашата Преспа… – беа првите зборови што ги изрекоа.
Само еден саат одење пешки од овде ни беа толку години да се видиме… плачи Цвета Мале. – Си отидов млада 16 годишна невеста а се враќам, шеесетгодишна баба. Не можам да ја најдам ниту мајка ми, ниту татко ми, но ве најдов вас, браќата, единот поубав од другиот и плачи. Уф, ова моето срце колку имам страдано од копнеж!
Исти трогателни и болни максими за овај краток живот имаше тукуречи во секое семејство. Двајца сопрузи, од кај пештерата на Завер го снимаа Туминец. Сопругот се викаше Братко, а сопругата Невенка. Можеби беа новинари.
-Секоја врата за вас е отворена! – им рече едно момче таму близу. И вистина. Софрите во Преспа насекаде беа полни јадења. Кој дошол некогаш во овие села добро знае за гостоприимството на Македонците од Мала Преспа, а особено во овој ден, кога кај нив дојдоа нивните чеда. Сите со солзи на очите. Новинарите и реперторите од двете земји, од Албанија и од Македонија, се движеа да добијат интервјуа. Без сомневања тие беа треперли.
Полека облаците на небото се распадија. Замина првата тромост за запознавање еден со друг. Почна да се пие ракија, да се наздравува, да се лее виното од бокалите, познатото преспанско вино. Од двете страни не знаеја зошто да прашат и за кого да прашат во прво.
Јадете, пиејте, почитувани пријатели, Јадете, пиејте и брзајте…. – почна некаде песната.
Се оженав, мајко, се оженав,
Се оженав, аир не си видов…
Зедов жена, мајко, зедов жена,
Зедов жена, мајко, жена болничава! – продолжи на друго место песната.
И тој ручек, во различни семејства се пееја песни за печалбарите, за Велигден, за коледа, за Ѓурѓовден, Свети Илија, хумористични и други песни. Некои излегоа во дворот и почнаа да се веселат како на свадба. Да, да свадба имаше овој ден. Тие како би се родиле само да пејат, само да танцуваат.
Една група станаа од софрата полна со јадења и на чамец тргнаа за на Манастирот Свети Марена, за да го видат местото каде се запознале со нивните сакани, местото каде се венчале…
Потоа, дојденците побараа да ги видат темелите на нивните некогашни куќи, веќе урнатини, да видат некоја слива, црница или горница што беше поврзана со спомените од нивното детство, почнаа да одат кај гробиштата на роднините, на кои не успеа да му помогнат во тешките моменти од крајот на животот, само чаша вода да му понудат.
– Исполнав една желба на мојата мајка, – вели Леко од Горна Горица – што дојдов да ставам на гробот на мојата сестра китка цвеќа и да запалам една свеќа.
За роднините кои не беа веќе живи, овие дојденци отидоа во црквата да запалат некоја свеќа. Дури, одеа натаму, до вакафите во Туминец, Глобочени, Зрноско и во црквата на Мали Град во Пустец.
Сонцето веќе заоѓаше. Како за чудење, тој ден стрелките на сите часовници брзаа, многу брзаа. Копнежот собран со години и времето затворено во нивните срца не можеа да се растопаат во текот на толку кратко време. Сите облаци на небото си разотидоа. На хоризонтот, над врвовите на Галичица и на Сува Гора, заминаа последните сончеви зраци. Езерото веќе целото сино, почна да го одразува убавото преспанско лице со тие заливи, острови и полуострови. Според договореното, дојдените чеда требаше да си се вратат. Не седоа колку би сакале и требало, но нека е оваа средба, ова отворање на затворените врати, не залезот на тој ден од 5 мај 1991 година, но првиот ден. почетокот на една нова ера на соработка помеѓу народите и соседните земји, на народите на Балканот, кои имаат толку желби и заеднички маки.
На оваа колку трогателна толку и радосна средба, само Илинка не се мрдна. Таа до нејзиниот разбој, уште ја ткае пенелоповата ткаенина, уште го чека својот сопруг… Очите, од таа река луѓе кои слегоа од џадето, кои се движеа низ селото и кои почнаа сега да се оддалечуваат, таа не ги тргна, срцето не и тропаше… Нејзиниот Стојан не беше во таа река на луѓе. Тој веќе 50 години е на печалба и Илинка 50 години ја ткае пенелоповата ткаенина… Уште чека кутрата, уште има надеж…
Илинден СПАСЕ