Пратеник Лук Симпкинс одржа говор во австралискиот парламент каде се осврна на својата посета во Македонија и кај Македонците во Албанија.
Во своето излагање во австралискиот Парламент Симпкинс истакна дека за време на посетата на Албанија се сретнал со градоначалникот на Пустец и со претставници на македонската заедница од таа земја.
Симпкинс изјави дека за време на последниот попис во Албанија направени биле многу пропусти при правото за слободно изразување на националната припадност. „Па така етничко македонско население официјално брои околу 5.000, а во реалноста таа бројка е повеќе од 100 илјади“.
Македонците во Албанија живеат во 39 села, а многумина се и по градовите.
„Градоначалникот јасно ми даде до знаење дека тие се лојални граѓани на Албанија, но дека има сериозни пропусти во почитувањето на основните човекови права. Се плашам и од тенденцијата на радикализирање по овие прашања од страна на албанските политички партии. Во Албанија се појави и ултра-националистичката партија Црвено црна алијанса. Европската Унија мора оваа ситуација да ја следи и да ги штити правата и безбедноста на македонското и на другите малцинства, а за тоа веќе испратив и писмо до преставникот на ЕУ во Албанија“.
Симпкинс пред австралиските пратеници отворено рече дека владата во Тирана не сака да ги заштити етничките малцинства и преку ваквите пропусти всушност се обидува да асимилира некои заедници.
„Од мојата посета ми стана јасно дека Република Македонија е навистина одличен пример за тоа како се штитат правата на малцинствата што е во целосна спротивност со она што се случува во Албанија или во Грција, каде што имаме и непризнавање на малцинства“, рече во своето излагање во австралискиот Парламент пратеникот Лук Симкинс. (Македониум)