НАРОДНИОТ УЧИТЕЛ И ДЕЕЦ БОРЕ МАЛЕВСКИ

Сите кои доаѓаат на овој свет, си одат, но малкумина од нив, оние кои не живееле само за себе, остануваат засекогаш во сеќавањата на живите. Еден од нив е и Боре Малевски, или учителот Боре, како го познаваат и нарекуваат повеќето Македонци во Преспа. За учителот Боре секој човек од Мала Преспа и пошироко кој живеел во негово време, може да говори и да пишува, бидејќи нема семејство кое нема добри спомени за него и во животот речиси сите имале потреба од помошта на учителот Боре.

Боре Малевски учител со Орден за заслуги за народ, е роден во селото Глобочени на дваесетти февруари 1908 година. Се роди во селото на Стерјо Спасе и како деца на иста возраст, тие ќе имаат испрекинати врски речиси за целиот негов живот и двајцата поголем дел од животот ќе му го посветат на Преспа и Преспанците. Подоцна, заедно со своето семејство се сели во Пустец, каде и остана до крајот на својот живот. Тој се роди во еден тежок период за истото семејство како и за цела Мала Преспа, во период кога сиромаштијата и антинародниот режим беа присутни во секое македонско семејство и дом. Токму затоа и во неговото семејство, како и во цела Преспа, се родија и се култивираа патриотските илинденски идеи на оние кои лично учествувале во славното Илинденско востание.

-Боре растеше како умно и културно дете кое сакаше да научи што повеќе и побрзо за секојдневните појави од мачниот живот, сакаше да знае зошто има угнетени и угнетувачи, зошто има сиромашни и богати, зошто и бескрајни “зошто ” на кои родителите не можеа да му одговорат и со сета сиромаштија, одлучиле да го испратат во основното училиште во селото Нивици (во денешна Грција), токму затоа што во тоа време во селата на Мала Преспа никаде немаше никакво училиште. Таму Боре учеше заедно со Стерјо Спасе и можеби уште тогаш, во младите години, одлучиле да го направат невозможното за своите соселани. Во тешки економски услови (некогаш гладен, некогаш сит, некогаш обуен а повеќе бос), Боре тешко се разболи и по четиримесечно лекување во Солун, тој не оздрави целостно и засекогаш остана со физички недостатоци. За жал, токму од таа страшна болест, Боре изгуби многу од себе, а изгуби и цела Мала Преспа, бидејќи целосно здрав Боре ќе стореше уште повеќе што го стори за ова подрачје и за неговите измачени луѓе.

Подоцна, во тешка здравствена состоја живеејќи низ корчанските анови, со помош на неговите познаници (Боре беше способен да ти го освои срцето уште во првата средба така што недвојбено ќе го прифатиш неговото пријателство), се запиша и за време од 29-33 години од животот го заврши тогашното Трговско училиште во Корча со многу добар успех. Иако го заврши Трговското училиште Боре не успеа никогаш да добие работа од тогашните власти. Од сето тоа, тој не се разочара и продолжи да работи низ преспанските села на ширење на просветата и културата, низ тогашните речиси целосно неписмени луѓе. Без претерување, за тоа време може да се рече дека во цела Мала Преспа само тројца луѓе знаеле да пишуваат и читаат, а тое биле: Боре, Стерјо Спасе и пувченскиот поп. И токму затоа, кога невработениот учен човек Боре работеше беспалатно во сите семејства (некаде им ги пишуваше потребните документи, некаде им читаше или пишуваше писма до нивните најблиски во странство…), селаните решиле да му даваат по две оки пченица годишно. Со еден збор, духот на солидарноста, на меѓусебното почитување и помагање меѓу Македонците секогаш постоел, а посебно во тешките времиња тој бил вонредно силен.

– Истовремено Боре Малевски во селото Пустец основа Спортско друштво под името “Преспа”. Иако тоа Друштво се нарече “културно”, Боре co неговите млади членови илегално работеше и ширеше патриотски идеи меѓу луѓето.

– Во 1939 година, нешто подоцна од окупацијата на Албанија од страна на Италија, со помош на негови блиски пријатели, Боре отвори една мала продавница во која држеше ситни нешта за продавање. Со тоа тој од една страна ќе закрепнеше малку економски, а од друга страна им служеше на селаните со тие ситни секојдневно потребни нешта, за кои порано требаше да одат дури до Корча за да ги набават

– Но дуќанчето Боре го користеше и за други поважни работи. Дотолку повеќе што тука имаше многу контакти со луѓето. Кога неговата активност се рашири и воспостави контакат со албанските партизански одреди, неговата дејност падна по очите на италијанските фашисти и токму затоа тие решиле да го егзекутираат. Во јуни 1943 година Италјанците го притворија Боре и со чамец го однесоа преку езерото во Нивици, а потоа во селото Стење. Патем, а особено по Стење, Боре беше тешко малтретиран, а по пет-шест дена затвор, поради недостиг на докази, беше ослободен. И покрај тоа Боре не се исплаши и не престана со работата. Неговата куќа беше секогаш отворена за партизаните и во неа дојде и најде засолниште една македонска партизанска чета предводена од Јосиф Јосифовски- Ѓорѓи Свештарот која беше придружена и од албански партизански раководител кој се викал Петро Папи. Во тоа време Боре е избран за секретар на Национал – Ослободителниот селски Совет. За сите овие активности, Боре повторно е пријавен кај италијанските фашисти и на 14 август 1943 година неговата куќа беше сардисана за Боре да се фати и егзекутира. Но, за среќа, беше навреме известен и беше заминал од селото.

– Во октомври 1944 година откако Преспа беше ослободена од фашистичкиот окупатор, Боре беше испратен во Битола на еден четиримесечен курс, за педагошка подготовка и како секогаш и таму Боре беше одликуван за добрите успеси.

Потоа Боре се вработува како учител и оттогаш ќе го викаат учителот Боре. И навистина тој беше учител за сите возрасти и за секакви работи. По наставата тој работеше и попладне и ноќе co групи селани речиси во ситепреспански села, против аналфабетизмот. Сакаше сите селани, а посебно младите момчиња и девојки да бидат описменети и да го унапредуваат животот во Мала Преспа. Треба да се истакне дека само по ослободувањето на курсевите и во училиштето се учеше на мајчин, македонски јазик. По некое време во Преспа дојдоа и учители од Македонија кои работеа заедно со Боре во преспанските училишта. Тие со љубов и почит говореа за Боре Малевски. Сеќавања за работата и животот на Боре можеше да се слушне од некогашните учители како Илија Димовски (Ресен), Ѓорѓи Малевски, Перо Поповски (Охрид) и други. Боре работеше и како методист за македонските учебници во Мала Преспа. Тој подготви Граматика, Читанка, Природно знание и други учебници на македонски јазик кои долго време се користеа во преспанските основни училишта. За првпат, со отворањето на Седмолетката во Пустец, Боре се наименува како нејзин директор. Од напорната работа, посебно за неговото кревко здравје, Боре повторно се резболува и лекарите му препорачуваат да ја напушти работата. Боре, со голема тага во душата и срцето ја напушта работата, а веднаш, откако малку закрепна, повторно почна да се занимава со развивање на културта во подрачјето. Тој одеше од едно семејство до друго и ги убедуваше родителите да ги испратат децата на понатамошно школување. Бидејќи, како што и самиот велеше во учењето и во учените луѓе е иднината на Мала Преспа. Неговите напори во Преспа се исплатија, па денес неговите некогашни ученици со љубов и респект го споменуваат својот учител Боре Малевски.

Во тие, сеуште нејасни времиња, посебно по 1948 година работата на Боре за ширење на македонски јазик во училиштата, од партиските раководители на подрачјето се нарече како тешка политичка грешка. Работата стигна до таму што Боре беше наречен македонски шовинист. Тоа многу го натажи, но не го исплаши учителот Боре. Боре беше и остана народен трибун за ширење на просветата и културата во Мала Преспа.

Тој создаде безброј играорни групи и настапи, и тоа не само за Фолклорниот фестивал на подрачјето, но и пошироко, низ цела Албанија. За сите овие големи работи, Боре Малески, остана и по неговата смрт (умре на 21 јануари 1979 година) како прв и никогаш недостигнат учител и човек во сеќавањата на сите Македонци. Од страна на власта, тој само со инсистирање на Стерјо Спасе, посмртно е награден со Орден за заслуга како учител. За него и за неговото творештво, време е што повеќе да се стори од страна на властите и од страна на сите интелектуалци во Мала Преспа, од кои повеќето имале директни врски со Боре Малевски.

Цветко МАЛЕВСКИ