Православниот празник Водици беше прославен насекаде низ Албанија каде што живеат православните Македонци, Мала Преспа, Голо Брдо, Врбник и во поголемите градови низ Албанија.
Во Мала Преспа традиционално сите села го фрлаат крстото во Преспанското Езеро. Ниту студеното време ниту, пак, уште постудената вода не ги спречи повеќето верници да скокнат во водите на Преспанското Езеро.
Од утро, Македонците традиционално се собираат во селските цркви, и после литургијата а според обичаите, со крстот украсен со босилок се упатуваат кон реките во Голо Брдо или во Преспанското езеро во Мала Преспа каде се фрла крстот.
Меѓу Македонците во Албанија обичај е оној што ќе го фати крстот, во придружба на група, ги посетуваат семејствата, кои му даваат пари на групата.
Откако крстот ќе ги обиколи сите куќи во секое село во Мала Преспа, Врбник или Голо Брдо, се враќа во селската црквата, каде што останува до следната година.
Се верува дека оној што ќе го фати крстот од езеро или река на Водици ќе има среќа цела година.
Водици во Мала Преспа се празнува два дена. Првиот ден 19-ти јануари, се фрла крстот, а вториот ден 20-ти јануари, се оди на Рефене. Поголема група составена од повеке семејства го сочинуваат Рефенето, односно кај кој е крстот кај него се оди на прослава, односно Рефене. Во Македонија ова традиција позаната е како кумство. Во Мала Преспа секоја група има свој крст. Тој што го има крстот, кај него се оди фамилјарно на прослава или Рефене. Тој го чува крстот една година, од едни до други Водици, што значи за тоа време го има кумството. После крстот го превзема друга фамилија и кај таа фамилија се оди следната година на прослава, и така крстот кружи и од големината на групата можи за неколку години крстот да се врати во една куќа.
На 19 јануари, рано наутро на знакот од камбаната сите крстови се носат во црквата. Секој со себе носи котле со вода и во него крстот што и припаѓа на таа група. Секој крст се врзува со босилок, каде попот ги пее сите крстови заедно, и со тоа ја осветува (крштева) водата. Со овој чин, оваа вода добива профилактичка моќ, со неа во текот на денот се прска низ куќата, шталата, и другите простории и има цел да ги избрка сите лошотии. (Македониум)