ПРОСЛАВА ЗА ВАПЦАРОВ ВО ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА

Македонските организации во Бугарија денес, 11 декември, свечено го прославија роденденот на Никола Вапцаров – Македонецот исполнет со толку љубов кон својата татковина Македонија, кој твореше и работеше за нејзината иднина.

Ќе остане вечно запаметен, македонскиот поет Никола Јонков Вапцаров, по зборовите “Ние сме Македонци, затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза!“ искажани во рефератот напишан за основачкото собрание на Македонскиот литературен кружок во Софија во 1938 година.

Делегации на македонските организации во Бугарија положија свежо цвеќе пред споменикот во неговиот роден град Банско.

Куса реч пред споменикот одржа копретседателот на ОМО “Илинден“ Пирин, Стојко Стојков.

Стојко Стојков ги рецитираше песните на Никола Јонков Вапцаров за неговата татковина Македонија, зборуваше за неговото дело, неговата борба и смрт.

Стојко Стојков посочи дека Никола Јонков Вапцаров е несомнено најистакнатиот претставник на Македонците во Бугарија, кој придонел за развојот на нејзината поезија, тој е жив доказ дека Македонците во Бугарија не се непријатели, напротив, тие придонеле и се придонесуваат за развојот на Бугарија. Неговата македонска припадност е скриена и искривена, исто како што лажат за тоа дека во Бугарија нема македонско малцинство: Ако ја признаат вистината за него, ќе мора да ја признаат вистината за нас – имало и има македонско малцинство во Бугарија, ниту Коминтерната има врска со овој факт, ниту пак некогаш се случила “присилна македонизација“. Македонците придонесоа за државата во која живеат и покрај тоа што беа изложени на дискриминација и денационализација.

Прославата продолжи во селото Бања, каде беше претставена книга во издание на македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“, Благоевград, со текстови на Вапцаров посветени на Македонија и сеќавања на неговите современици за него.
Присутните разговараа за многу прашања и активности поврзани со македонските организации, како и за потребата од отворање повеќе македонски клубови.

Никола Јонков Вапцаров е роден во Банско, Пиринскиот дел на Македонија, на 24 ноември 1909 година, во протестантско семејство кое било посветено на македонското ослободително движење. За време на турското владеење, неговите родители активно се вклучуваат во борбата на Македонскиот народ за самостојност и за Македонска држава. Таткото Јонко бил комита, а мајката Елена, родена Везјова, учителка која се школувала во американскиот колеџ во Самоков. Израснат во патриотско семејство, кај Никола се развива љубовта кон татковината, Македонскиот народ и книгата.

Никола се стекнал со основно образование и шести клас гимназија во Банско и Разлог, а потоа се запишал на Воено-морнарското училиште во Варна. Во Варна, Никола за првпат се сретнал со комунистичкото движење и станал член на марксистичко-ленинистички кружок. Во Варна го публикувал и своето прво поетско дело, стихозбирката “Кон светлите идеали“. По завршувањето на Воено-морнарското училиште во 1932 година, Никола како машински техничар плови со брод за Северна Африка.

Меѓутоа, поморската кариера која е поврзана со долги отсуства од копното и партиските другари не го привлекува и тој се вработува како машинист во фабрика за хартија во селото Кочериново. Таму ја сретнал својата идна сопруга Бојка Димитрова, дете на доселени Македонци од Егејскиот дел на Македонија и пред женидбата преминал во православие.

Продолжувајќи со своите партиски активности, Никола ја пропагирал идејата за класен преврат, со што го навлекол вниманието на бугарските власти. Во 1933 година поради неговата политичка дејност, повеќепати бил претепан, притворен и распрашуван. Набргу потоа, на враќање од Горна Џумаја за Кочериново врз него бил извршен неуспешен обид за негова ликвидација. Валканата работа, власта му ја наложила на Ванчо Михајлов и неговите соработници, па Никола со писмо му се обратил, прашувајќи го зошто сакаат да го убијат? Подоцна овие случувања ќе го инспирираат да ја напише стихотворбата “Песна“.

Во 1935 година, економската криза ја затвара фабриката во која работел Никола. Успеал со работниците да издејствува фабриката да продолжи со работа, но заради неговите револуционерни идеи тој станал непожелен. Во периодот 1936-1937 година неговото семејство поминува низ тешки искушенија. Никола бил без работа, болен, детето му починало, а семејството го зафаќа тешка сиромаштија. Но, и покрај сите тешкотии, Никола не се предава. Заедно со другарите кои го помагаат и поддржуваат, Никола се бори да ја надмине кризата.

По долго време, Никола добил работа како машинист во мелница во Софија. Работел во тешки услови по 12 часа дневно. Сепак и покрај уморот, тој не се откажал од пишувањето, а неговите стихови биле објавувани во тогашните прогресивни весници. Иритирани од неговата дејност, бугарската власт му вршела опструкции, а Никола неможел да најде постојана работа. Меѓутоа, другарите му помагаат да се вработи во кланица.

Во овој период и неговата жена Бојка наоѓа работа, така семејството има доволно средства да се издржува. Иако работата во кланица била тешка, Никола таму работи помалку часови. Тоа ќе му овозможи повеќе време за да се посвети на пишувањето.
Никола Јонков Вапцаров е македонски поет и револуционер. Релативно млад се пројавува како литерат.

Во 1938 година, заедно со Антон Попов и Михаил Сматракалев (Ангел Жаров), во Софија го основаат Македонскиот литературен кружок, во чиј состав како членови се вклучуваат литерати од лева ориентација, од сите три дела на распарчена Македонија. Јадрото на програмски обновениот Македонски литературен кружок го сочинуваат Никола Вапцаров, Антон Попов, Михаил Сматракалев (Ангел Жаров), Кирил Николов, Асен Шурдов, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Митрев и други. Подоцна се вклучуваат Венко Марковски, Коле Неделковски и новинарот Митко Зафировски. Македонскиот литературен кружок претставува еден од најзначајните настани кои придонесоа во развојот на македонската национална свест.

Во кружокот особено значајни биле рефератите на Никола Вапцаров и Антон Попов. Михаил Сматракалев (Ангел Жаров), член на ВМРО-Обединета и познат македонски општественик и поет меѓу двете светски војни во Бугарија, осврнувајќи се на рефератот на Вапцарев кој бил подготвен за обновување на кружокот во октомври 1938 година, ќе забележи: “Од корен се разликуваше од дотогаш слушнатите од нас реферати на тајните собири, конференции и заседанија… Тоа не беше обичен реферат, ами една искрена исповед, една другарска покана за исполнување на светиот долг кон нашиот народ…“ Цитирајќи го Вапцаров, Ангел Жаров ќе ги забележи насоките кон кои треба да се насочи кружокот, а во кои се вели: “Треба да се собереме, да се организираме, да ги дадеме своите сили за слобoдата на нашиот измачен Македонски народ. Нашата македонска историја е полна со ликови, славни подвизи, големи револуционерни, настани, легендарни борци. Нашата народна песна е чудно мелодична и возбудлива. Но, сето тоа уште не го нашло својот одраз во литературата…“ Подоцна, Никола Вапцаров ја напишал стихотворбата “Доклад” (своевиден реферат) во која овие основни идеи се изразени во прекрасна уметничка форма.

Никола Јонков Вапцаров бил еден од оснивачите на списанието “Литературен критик“, кое претрпело голем број на цензури и набрзо било забрането. Пишувал главно поезија, на бугарски јазик, и станува познат како автор на две поетски збирки: “Моторни песни“ која е објавена во Софија во 1940 година и “Антологија“, објавена посмртно во Софија, во 1946 година. Автор е на драмата “Деветтиот бран“, на книга со песни за деца и на серија критички записи и прозно-публицистички текстови.

Никола Вапцаров активно се вклучува во антифашистичкиот отпар. Во 1940 година поради активности во Пиринскиот дел на Макаедонија бил уапсен и интерниран во Годеч. По враќањето во септември 1941 година, зел учество во саботажи против германската војска, набавувал документи и ги криел илегалците. Набргу, бил фатен од бугарските власти и како учесник во илегална организација за диверзии против профашистичкиот режим на царот Борис III е затворен и осуден на смрт. На 23 јули 1942 година, Никола Вапцаров е стрелан во Софија, заедно со петмина свои другари, меѓу кои и македонскиот писател Антон Попов.

Поезија пишувал главно на бугарски јазик. Посмртно доживува вистинска литературна слава, извишувајќи се како големо име на новата бугарска литература. Веднаш по Втората светска војна славата му се простира и во Македонија. Како дводомен автор (бугарски и македонски), чии стихови и други творби за Македонија претставуваат висок уметнички дострел. Никола Вапцаров станува легенда на младата македонска книжевност, доживува литературна слава во Македонија.

За време на Информбирото во 1948 година, по заострувањето на односите меѓу двете Југославија и Бугарија, Софија започнува вистинска хајка против “македонското присвојување“ на Вапцаровото книжевно дело, која кулминира во 1979 година со бојкот на Струшките вечери на поезијата. Односот кон делото на Вапцаров се менува по 2000 година и тоа повторно станува мост меѓу двете блиски литератури.

Од бугарските власти е фатен и како учесник во илегалната организација за диверзии против профашистичкиот режим на царот Борис III фатен е и затворен. Осуден е на смрт…

На 23 јули 1942 година, Никола Јонков Вапцаров е стрелан во Софија, заедно со петмина свои другари, меѓу кои и македонскиот писател Антон Попов!

Вечна им слава и памјат на славните Македонци Никола Јонков Вапцаров и Антон Попов, стрелани од бугарските фашистички власти како Македонци поради љубовта за Македонија!

©Македониум