Македонците од Албанија во Канада го одржаа својот годишен банкет

Во чест на големиот верски празник Свети Архангел Михаил, кој е заштитник на Македонците од Мала Преспа, Македонското друштво “Мала Преспа” од Канада на 27 ноември 2022 година го одржа својот годишен банкет.

Иселените Македонци од овој живописен крај своите традиции ги чуваат и негуваат и во Канада здружени во друштвото “Мала Преспа” кое беше формирано со цел продолжување на македонштината и во Канада.

На банкетот кој се одржа на старата локација Capitol Banquet Hall во градот Мисисага присуствуваа многубројни Македонци со потекло од Мала Преспа кои денес живеат во Канада и САД.

Банкетот го благословија свештениците од Македонската православна црква, а пред присутните се претставија најмладите членови на македонското културно-уметничко друштво.

Гостите кои се дружеа до доцна во ноќта и се веселеа со македонски песни и ора ги забавуваше музичката група “Бисер”. Сплотено, семакедонски се славеше до раните утрински часови.

Банкетот беше испочитуван од многумина претставници на управите во македонските православни цркви, како и македонски патриотски организации и здруженија од Канада.

Владимир Терпо, македонски иселеник од Мала Преспа, кој живее во Канада, за весник „Македониум“ изјави дека македонското друштво “Мала Преспа” во Канада е формирано пред 14 години од македонски иселеници од Пустец и други делови од областа на Мала Преспа со цел негување на македонската култура и традиција.

– Веќе станува традиција еднаш годишно, ние, Македонците со потекло од Мала Преспа, кои живееме во во Канада и Америка, да се собереме по повод православниот празник Св.Архангел и Михаил. Овој ден преставува добра можност за сите нас да се дружиме, веселиме, но и да позборуваме за нашиот роден крај населен со етничко чисто македонско население – додава Владимир Тeрпо, за весникот „Македониум“.

Повеќемина од гостите на годинешниот банкет си заминаа и со многу вредни награди од познати светски брендови кои беа доделени на традиционалната лотарија.

©Македониум