Во главниот град на Турција, Анкара започна со работа нова македонистичка катедра и нов лекторат по македонски јазик на престижниот Анкарски универзитет, соопштија од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). За МСМЈЛК, ова е конкретна потврда дека залагањата за интензивирање и унапредување на соработката со странските високообразовни и научни институции веќе даваат забележливи резултати во развивањето на македонистичките студии во странство, сега и со отворање нови странски македонистички центри.
Со новоотворената Катедра за македонски јазик и Лекторатот по македонски јазик на Анкарскиот универзитет започнува нова успешна приказна за афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот, на странските високообразовни и научни институции – приказна која е од исклучително големо значење и за нацијата и државата, велат од МСМЈЛК.
„Неизмерни се радоста и гордоста што и Анкарскиот универзитет постанува македонистички центар. И тоа не само со можност за отворање нов лекторат по македонски јазик, туку и со одделна Катедра за македонски јазик, со која македонистиката, веднаш добива поголема важност, односно статус преку кој дополнително се гарантира нејзиното развивање на анкарскиот Факултетот за јазици, историја и географија. Дури и во период кога во глобални рамки се стравува дека хуманистиката, а во нејзините рамки и филологијата запаѓа во криза заради намалениот интерес за студирање, ни се случува зголемување на интересот за македонистиката на повеќе странски високообразовни институции. Но и воопшто во странските културни средини, дотолку што е јасна потребата од воведување македонистички студии и на универзитети на кои претходно македонистиката не била присутна со одделен дел од студиските програми. Особено онаму каде што веќе и има поголем број заинтересирани за изучување на македонскиот јазик, како што е во конкретниов случај, во Анкара, вели директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Мојсова-Чепишевска посочува дека лекторатот во Анкара се отвора по речиси 15 години од отворањето на претходно отворениот Лекторат по македонски јазик на Универзитетот во Риека, но дека не се запира тука.
Раководителката на Катедрата за македонски јазик, проф. д-р Мелахат Парс, нагласи дека на Анкарскиот универзитет може да се очекува голем интерес за македонистиката во времето што е пред нас. Таа е уверена дека во соработка со МСМЈЛК при УКИМ ќе се успее Анкарскиот универзитет да стане препознатлив странски македонистички центар од кој ќе произлегуваат кадри што ќе бидат едни од водечките афирматори на македонистиката во светот во времето што е пред нас.
Инаку, со отворањето на оваа катедра македонистиката веќе е присутна на два водечки универзитета во Турција, на Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет, каде македонскиот јазик, литература и култура се изучуваат веќе 36 години.
©Македониум