Васил Стерјовски од Македонската алијанса за европска интеграција, во интервју за албанската телевизија А1 Репорт вели дека не ни требаат изјави за големи држави, туку соживот и почитување на правата на малцинствата и дека македонската заедница во Албанија е лојална на државата и поради тоа бара дистанцирање на политичарите од националистичките повици.
– Во 21 век не ни требаат националистички повици. Сите држави на Балканот сакаат да се зачленат во ЕУ, некои веќе се членки на ЕУ, не ни требаат овие националистички изјави за Голема Албанија, Голема Македонија или Голема Грција. Нас ни треба да имаме соживот како што имаме живеено, да се почитуваат правата на малцинствата, албанската држава треба да ги почитува правата на малцинствата. Не доаѓа стравот од малцинствата, во овие 100 години од албанската држава, ја имаме почитувано ова држава, никогаш немаме превземено акции против ова држава, најглавно е што секогаш ги имаме почитувано законите на ова држава, секогаш имаме бидено лојални граѓани, имаме плаќано данок, и во ЕУ ние ќе одиме сите заедно како Албанци, Македонци и другите малцинства. Мојот повик е да се дистанцираат од овие националистички изјави и да гледаме во иднина. За жал, Албанија трета година по ред не добива кандидатски статус за членство во ЕУ, и освен трите закони што не се изгласаа, услов е и почитувањето на правата на малцинствата. Ние како Македонци со другите малцинства сакаме да придонесеме за развој на Албанија и нејзино што побрзо зачленување во ЕУ – вели Стерјовски.
– Ова не го разбирам и со овие повици за Голема Албанија што сакаат да постигнат албанските политичари. Сакаат да направат една нација, една држава само со Албанци, факт е дека ние Македонците и другите малцинства постоиме во Албанија. И сега од една страна со овие изјави сакаат да излезат како една нација, една држава, како што излегоа и резултатите од пописот каде 99% според статистиките се Албанци. Ова не постои во светот, нема држава во светот да е 99% чиста и посебно не на Балканот, каде се знае дека на Балканот има голем број на малцинствата, нема чиста држава на Балканот. Ова е факт, ова е реалноста, овој страв доаѓа само да не се признаваат малцинствата, затоа што ако се признаат малцинствата и излези точниот број, државата ќе стани мултиетничка и мултикулурна држава и стравот од тука доаѓа и сакаме ние како во времето на комунизмот да останеме чисти со 99 % Албанци и 1% малцинства – вели Стерјовски.
Според него, македонското малцинство е под притисок и упадот на членови на црвено-црната алијанса во општина Пустец е израз на националистичката политика, за што реагирале кај сите релевантни институции.
-Точно е дека македонската заедница во општина Пустец, е под притисок, не само македонското малцинство што живее во Преспа но и македонското малцинство што живее насекаде во Албанија, како и во областите на Гора и Голо Брдо. Конкретно овој притисок кон македонското малцинтво започнат е пред една година со појавувањето на Алеанца на Црвено-црните, претходно како организација после и како партија и со медиумскиот притисок што се правеше за пописот и целата таа кампања што се направи против пописот и ставањето на казната ако се декаларираше за неалбанец, сите овие беа притисок кон малцинството. Исто така, врв на овој притисок се постигна и со бришењето на националноста од изводите, каде на нас како признато малцинство во областа на Мала Преспа, ни се избриша националноста и сега во изводите и регистрите од матичната евиденција фигурираме како Албанци. Ние немаме ниту еден документ што сме малцинство во ова држава и само сме албански државјани. Ни се тргна една право што го имавме во времето на комунизмот . Како можи во времето на комунизмот ние да сме признати како македонско малцинство и во изводите и матичната евиденција ја имавме македонската националност, додека сега во демократија, кога Албанија прави напори да се зачлени во Европската унија, да ни се избриши националноста- вели Стерјовски.
– Нападот на Црвено-црната алијанса што се случи конкретно во општина Пустец беше врвот на ова националистичка политика, и ние како македонска партија и како општина, општина Пустец, испративме реакции до сите албански институции, почнувајќи од Премиерот, Претседателот на државата, Парламентот, министерот за внатрешни работи како и до институциите што конкретно се занимаваат со дискриминацијата како што се Народниот правобранител и Комесарот против дискриминација. И за жал ниту една од овие институции не реагираа, и самата полиција не реагира и не презеде мерки против ова насилие што се случи во нашата општина и конкретно само американскиот амбасадор ги осуди овие напади и преставниците на ОБСЕ што веднаш се заинтересира и дојдоа да соберат конкретни информации. Овие ненадејни напади што дојдоа од страна на Алеанца на Црвено-црните во нашата општина, не ги очекуваше никој, и кога дојдоа, се иритира малцинството, затоа што, како можи ние што ги почитуваме законите на ова држава, да дојди некој да ги насилува интитуциите да ги заплашува жителите со националистички пароли “Ова е албанска земја”, “Бегајте од тука, не ве сакаме” или “Голема Албанија”, идр во една област каде 100% се македонски жители, повеке ги иритира жителите од македонското малцинство – изјави Стерјовски за албанската телевизија А1 Репорт. (Македониум)