Средба на Амбасадорот Данчо Марковски со Новоизбраниот албански претседател Бајрам Бегај

Новоизбраниот албански претседател Бегај очекува натамошно продлабочување на севкупните билатерални односи меѓу Албанија и Македонија.

Амбасадорот Данчо Марковски денес оствари протоколарна средба со новоизбраниот претседател на Република Албанија, Бајрам Бегај. Средбата, во пресрет на инаугурацијата на Бегај кој ќе ја преземе претседателската функција на 24 јули. Разговорот искористен за меѓусебно информирање околу најактуелните прашања од билатералната соработка на двете земји, активностите поврзани со Отворен Балкан, како и за активностите и позициите на Македонија на нејзиниот европски пат.

Бегај ја истакна воспоставената динамична соработка на премиерите Димитар Ковачевски и Еди Рама, како и владите на двете земји. Оцени дека позитивните резултати од економско трговската соработка, како и од другите сфери на соработка даваат охрабрување за натамошно проширување и продлабочување во односите. Истакна дека во таа насока и тој ќе даде свој придонес.

Во однос на пристапниот процес Бегај истакна дека Македонија постигнала значаен напредок во исполнувањето на европските критериуми. Останува на Унијата да ги почитува сопствените критериуми за проширување на нејзините граници во кои ќе влезат и Македонија и Албанија. Нагласи дека е неопходен дијалог и позитивен пристап кон земјите кандидати, во кој ќе нема место за поставување услови во кои се доведува во прашање идентитетот на една држава.

Бегај информираше дека имал прилика да ја посети Македонија при што, остварил и средба со претседателот Стево Пендаровски. Амбасадорот Марковски изрази надеж дека по преземањето на функцијата ќе ја посети нашата земја.

©Македониум