Македонците во Албанија го прославија празникот Ѓурѓовден. Овој празник освен Македонците со православна вероисповед од Мала Преспа, Врбник и Голо Брдо традиционално го прославија и Македонците со исламска вероисповед од Голо Брдо и Гора.
За Ѓурѓовден во Мала Преспа, имаше организирани прослави во селата Шулин, Глобочени и Долна Горица. Во областа Гора прослава се организираше во село Шиштавец, каде се одржа и трка со коњи, додека во областа на Голо Брдо, Ѓурѓовден организирано се славеше во село Стеблево.
На Ѓурѓовден во Мала Преспа, Врбник, Гора и Голо Брдо се изведуваат многу обичаи сврзани со овој празник. Почнуваат на 5 мај пред зајдисонце кога сите млади и постари одат по ливадите и бавчите каде берат гранчиња /потки/ и цвеќиња, ги носат дома каде ги закитуваат портите, влезната врата на куќата, трлата, плевните, се за здравје и во чест на доаѓањето на Пролетта.
Според верувањето потките ги штитат куќите од разни опасности, а нивите и родот од несреќа. Во некои места еден боз се става пред куќата пред влезната врата и утрото на Ѓурѓовден секој кога ќе стане и излегува надвор стапнува на бозот за здравје.
©Македониум