Истиот ден, кога, во Охрид, потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, се обидуваше неуспешно и нецивилизирано да објасни како во нејзината земја “нема Македонци, затоа што ги нема во Уставот!”, токму Македонците, токму во нејзината земја, во Мелник, на вечното почивалиште на пиринскиот цар, Јане Сандански, и одржаа лекција по европејство и цивилизирано однесување.
Јотова, во Охрид беше осамена, ако се изземе домаќинот – новопечен Бугарин, истомисленик на Јотова по “историската вистина”, дека, “Македонија е творба на Југословенот Тито”, истовремено, и самиот некогашен елитен титов питомец – кадет, несуден пилот на титовата ЈНА.
Во Охрид беше сончево и не така топло, во Мелник беше врнежливо и поприлично ладно. Но, тоа не ги спречи Македонците од Бугарија, Македонија и соседните земји, да одговорат на повикот од седум здруженија на Македонците од Бугарија, за присуство во на одбележување на 107 години од смртта на Јане Сандански.
Еден од организаторите, македонското здружение „ОМО Илиден Пирин“, приопшти потоа дека “собирот минал во мирна и достоинствена атмосфера и задоволство од масовноста”. Белким тоа го видела и бугарската полиција, штом не им дозволила користење на озвучување, но, коректно соопштија, дека, “ генерално, се задоволни од соработката со локалните власти”.
Македонците од Бугарија, Македонија, Албанија и други земји, објавија и испратија заедничка Декларација со 12 точки, меѓу кои и повик до бугарските власти за почитување на одлуките на Судот во Стразбур и, конечно, да дозволат регистрација на здруженија и партии на Македонците во Бугарија, но и реципроцитет и впишување во бугарскиот Устав.
Нашата поранешна колешка, новинарка од БРТВ, Јотова во политиката влезе како надежна европејка, за денес да промовира и пропагира ставови достојни на национал-шовинизмот од најцрните времиња. Заедно со Каракачанов, преку емисари-посредници, им ги собира последните евра на Македонците од Македонија и Албанија, за политички цели. Во самата Бугарија имаше криминална афера и кривичен прогон на Каракачановци, за богатење врз сиромаштијата во Македонија и Албанија. Таа денеска се чуди, го поставува прашањето – зошто на пописот имало само две-три илјади Бугари во Македонија, иако одговорот го има самата и најдобро го знае.
Го знаеме и ние во Македонија, затоа што знаеме кој од Охрид купува куќи и скапи глисери-јахтички со парите од населението од посиромашните слоеви, главно работници-мајстори, кои со европската платена виза, заминуваат по корка леб надвор од земјата. За тоа колку што е кабаетот кај Јотова, исто толку, ако не и повеќе, одговорноста лежи кај нас, во неспособната политика, цели 30 години по независноста, од Македонија да направи пристојно место за живеење.
Од Југославија излеговме како Американци за Бугарите, денеска, токму нив, ги молиме да не примат во друштвото на европејците. Тоа не е судбина, тоа е наша неспособност, лакомост за себе, егоизам и политички аматеризам.
Но, да не бидам јас тој, кој ќе и држи лекции на Јотова. На гробот на Јане Сандански во Мелник беше и претседателот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, првиот пратеник, етнички Македонец, во албанското национално собрание. Еве ја неговота порака до Јотова, Петков, Каракачанов, Захариева…
И ние Македонците во Албанија сме под притисок на антимакедонската активност на Бугарија, која злоупотребувајќи го членството во Европската унија не избира средства за негација и асимилација на Македонците во Албанија. Ги осудуваме сите обиди од страна на Бугарија, која на секој начин сака да ја искористи сиромаштијата во областите каде живеат Македонците во Албанија, во намерата да ги прикажи како бугарско малцинство.
Во областите Преспа, Голо Брдо, Гора, Полето и Врбник, каде што Бугарија „бара” бугарско малцинство, ќе каже Стерјовски, има „самоопределени и самоидентификувани Македонци кои го имаат истиот фолклор, традиција и јазик како и македонскиот народ во целина, во сите држави на Балканот, живеат во компактни области на границата со Македонија и имаат територијален континуитет со државата Македонија, немаат никаква врска со Бугарија”.
“Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки. Ви носам искрени и топли поздрави од Македонците во Албанија. Ми претставува особена чест и задоволство, во име на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, да ве поздравам на денешното традиционално семакедонско одбележување на 107-годишнината од убиството на великанот на македонското револуционерно движење Јане Сандански, се обрати кон присутните.
Македонците во Албанија, пренесе Стерјовски, ја подржуваат борбата за национални и човекови права на Македонците во Бугарија.
За нас е неприфатливо барањето на Бугарија Македонија да се откаже од Македонците во Бугарија. Очекуваме од Бугарија како членка на Европската унија да ги почитува европските вредности, да ги спроведи препораките од институциите на Советот на Европа и 14-те пресуди од страна на Европскиот суд за човекови права и да дозволи Македонците да ги уживаат сите права предвидени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, Рамковна конвенција која што е потпишана и ратификувана од страна на Бугарија, нагласи Стерјовски.
Македонците во Албанија се лојални државјани на Република Албанија, порача но, додаде „остануваме горди и достојни Македонци, наш мајчин јазик е македонскиот, ја сакаме и државата Македонија, бидејќи сме нераскинлив и неотуѓив дел од македонскиот народ.
Бараме помош од Владата на Република Македонија во грижата за положбата и правата на Македонците во соседните земји. Таа помош ни е потребна и од сите Македонци во светот, порача Стерјовски.
Веле Митаноски
Репортажа: Бугарија, врз сиромаштијата на Македонците во Албанија, купува бугарско малцинство