ЖАЛНА ВЕСТ: АНГЕЛИНА МАРКУС 1932-2022

Синоќа на ден Велигден, на 90 годишна возраст почина Ангелина Маркус моминско Шуплиноска, Македонка, историчар, патриот, професор по филозофија, автор на повеќе дела за древната и средновековната историја на Македонскиот народ.

Ангелина Маркус е родена 1932 година во село Тополчани, прилепско, село низ кое минува царскиот пат познат уште пред 2.500-3.000 години, особено значаен за времето на Архелај и Филип.
Основно образование завршила во родното село Тополчани, гимназија во Прилеп, а Филозофски факултет завршила во Скопје, на универзитетот “Свети Кирил и Методиј“.

До 1990 година работи како професор по филозофија во повеќе гимназии низ Македонија, но најголемиот дел од работниот стаж го минала во Скопје, каде и се пензионира.

Уште во студентските денови ја привлекува пишаниот збор и повремено објавува написи и пишува песни.
По смртта на нејзиниот сопруг, Ангелина Маркус своето знаење го преточува во дела посветени на сè што е македонско. Од 1990 година почнуваат нејзините истражувања за древните вредности на Македонија, со критички осврт врз целата користена литература.

Ангелина Маркус е активна и како говорник на трибини, на ТВ-екраните, а нејзиниот глас е често слушан и на радио-брановите, автор е на голем број фељтони и рецензии во повеќе медиуми и портали.

Ангелина Маркус е автор на повеќе дела од античката историја и вистината за Македонија: По трагите на славните Македонци (1998), Македонски древни вредности (2001), Македонски древни вредности II (2003), Поеми за Македонските цареви (2003), Македонски древни вредности (2003), Македонија на Македонците (2004), Филип II Македонецот (2005), Македонска древна медицина (2005), Македонските древни театри (2005), Тополчани во срцето на Пелагонија (2005), Беше и си биле… Приказни за Македон и Македонците (2006), Исхраната на древните Македонци (2006), Аристотел Македонецот (2007), Алкомена, древен град во Пелагонија, тврдина на македонските кралеви (2008), Кумството во црквата Света Недела во село Смилковци (2009), Персеј (2009), Македонските древни ковани пари (2009), Ксантика – древно македонско празнување (2010), Црквата “Свети 40 маченици“ кај Смилковското езеро (2013) и Истражувања за античка Македонија (2014).

На 29 октомври 2016 година во Музејот за македонската револуционерна борба за државност и самостојност се одржа промоција на последната книга на професорката Ангелина Маркус “Македонски раритети и раритетни Македонци“, во која професорката Ангелина Маркус направи исклучителен избор на македонски реткости и видни Македонци во целата историја на Македонија од пред новата ера до денес кои оставиле огромен печат и дале извонреден придонес во човековата цивилизација. Посебно го обработува ликот и делото на академик Жан Митрев. Во предговорот на книгата Ангелина напиша: “Замислете што ќе крадеа, што ќе делеа, што ќе присвојуваа европските држави ако Македонија во наследство немаше толку наука и култура за присвојување… Влијанието што Македонците го извршиле во светски рамки се гледа во сите сегменти. Македонците постојат и ќе постојат и ќе вршат влијание од прапочетокот до денешно време врз сите народи и култури во светот. И во иднина, на сите континенти, Македонците ќе предничат во науката, уметноста, хуманоста и останатите области како раритетен народ со најстари корени!“

Во интервју во 2005 година, Ангелина Маркус вели: “Прашањата за Македонија, за Македонците, за Македонскиот народ и историја се прикриваа со милениуми. За Македонија денес пишуваат нејзините окупатори и затоа таа е сечија, само не Македонска. Македонската историја и вистина треба да ја пишуваат Македонци и на Македонски јазик, во Македонија, само тогаш ќе биде наша Македонска! Ајде македонски да мислиме и македонски да пишуваме за македонските работи!“

Ангелина Маркус беше член на Светскиот Македонски Конгрес и активно учествуваше во работата на повеќе генерални собранија.

Активна беше во протестите пред Собранието против промена на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ.

Светскиот Македонски Конгрес со одлука на 18. Генерално собрание одржано на 9 август 2008 година и’ го додели највисокото семакедонско признание – почесната титула Македонски сенатор.

И после се’, Боже на духовите и на секое тело, успокој ја душата на починатото твое чедо и наша сестра во Господа Ангелина Маркус, прости и’ ги прегрешенијата волни и неволни, направени со збор, со дело или со помисла, и како Благ и Човекољубив, насели ја нејзината душа во место светло, место блажено, место мирно, место каде што почиваат праведниците, место каде што нема ни жал, ни воздишка, но живот бесконечен… Ќе го посетуваме нејзиното вечно почивалиште, но знаеме дека нејзиното дело и мисла ќе не прогонуваат: Борете се за Македонците и за Македонија, таа е наше културно-историско наследство, Македонија е наша историја, сегашност и иднина!

Вечен и’ помен и спомен и Бог да ја прости, почивај во мир драга Ангелина. Твојот ведар лик и спомените за тебе вечно ќе ги паметиме.

Светскиот Македонски Конгрес изразува искрено сочувство до нејзиното семејство, децата, внуците, роднините и пријателите во светот и во татковината Македонија. Амин!

Поради ковид мерките, Ангелина синоќа е погребана во кругот на потесното семејство.

Семејството на Ангелина Маркус и Светскиот Македонски Конгрес ќе организираат посебна комеморација, за што јавноста и почитувачите на нејзиното дело дополнително ќе бидат известени.

©Македониум