Круме Кепески (08 април 1909 год., Прилеп – 03 ноември 1988 год., Скопје) – истакнат македонист, граматичар, педагог, учебникар, собирач на народни умотворби, еден од стожерените дејци во стандардизацијата на македонскиот литературен јазик и автор е на првата Македонска граматика.
Основно и средно образование учи во Прилеп и Битола а Филозофски факултет, група српскохрватски и старословенски јазик, завршува во Белград 1935 година. Во НОБ бил во македонската ослободителна бригада „Гоце Делчев“.
Во 1945 година Круме Кепески е професор во Прилепската гимназија и тогаш почнал да работи на првата Македонска граматика. Граматиката е отпечатена во почетокот на 1946 година, а есента истата година е повикан во Скопје во Министерството за просвета, каде што работел на општата македонска терминологија. Во зимата на 1947 година бил испратен во Пиринска Македонија, во Горна Џумаја, денешен Благоевград. Таму Кепески е професор на Вишата педагошка школа, организира курсеви по македонски јазик за учители. Во 1949 година, бил назначен за професор на Вишата педагошка школа во Скопје и таму работи како професор по македонски јазик до заминување во пензија.
Македонска граматика на Круме Кепески (објавувана во 1946 и дополнувана во 1947 и 1950 година по својот карактер била општа, но иако одредена од Министерството за просвета на Македонија како учебник во средните училишта, била наменета и за администрацијата и за пошироката популација. Со Македонската граматика на Кепески за прв пат светската јавност се запознава со структурата на македонскиот јазик и одиграла огромна историска, јазична и културна улога за Македонија и македонскиот народ.
Останува за вечност забележано реченото: „ Македонската граматика на Круме Кепески овозможи основно зацврстување на македонската литературно јазична норма.“
Стево Симски