ПИШУВАМ ЗА ТЕБЕ…

ПИШУВАМ ЗА ТЕБЕ…

Пишувам за тебе, Македонче, брате
што остави куќа и спомени детски
со мајка, со татко и со се што е драго
и тргна да одиш по патишта светски.

Со мисли во глава за подобар живот
да печалиш пари со торба, со вреќа
не знаејќи дека никаде ја нема
како во родниот крај големата среќа.

Пишувам за тебе, убава Македонко
што си израснала во некој светски крај
судбината твоја се знае девојко
долго не ќе останеш како цвет во мај.

Пишувам за тебе, а бре стрико Коле
што остана сам во куќата стара
со стадото овци што блее в трло
со песот што лае и млад стопан бара.

Ти сега лежиш во собата ладна
молејќи се куќата да издржи под снегот
мачката спие а ти се прашуваш:
– како не научила да го меси лебот?…

Пишувам за тебе Македонско село
со луѓе, со куќи, се само стари
со сливи, со лозја кои од корен се сушат
со црква затворена со црни катинари.

Пишувам за тебе, Македонијо, мајко
што остана пуста, без твоите деца
верувај ми пак назад ќе се вратат
други да те газат не можам да гледам.

Спасе Мазенковски