Делегација од единствена македонска политичка партија во Република Албанија, Mакедонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, во Тирана, оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Бујар Османи.
На средбата се разговараше за повеќе прашања поврзани со натамошното унапредување на статусот на Македонците во албанското општество, како и за начините како Албанија и Македонија, во рамките на својата соработка, можат да го помогнат овој процес.
Меѓу другото, заеднички беше констатирано потребата од промена на режимот на работа на граничниот премин Требиште-Џепиште, и од премин од локален карактер да премине во премин од регионален карактер, кој ќе функционира 24 часа.
На средбата, делегацијата на МАЕИ, ја искажа загриженоста за антимакедонската активност на Бугарија во Албанија, која злоупотребувајќи го членството во Европската унија не избира средства за негација и асимилација на Македонците во Албанија. Во овој контекст министерот Османи беше известен дека бугарската пропаганда, во регионите каде што живеат Македонците, е засилена во пресрет на претстојниот попис на население, што треба да се спроведе во октомври 2022 година и дека преку негација на Македонците во Албанија се цели на негација на Македонскиот народ во целина.
© Македониум