Екслузивно интервју на македонскиот амбасадор Данчо Марковски за Albanian Daily News


Albanian Daily News: На почетокот, дозволете ми Ваша Екселенцијо, да ви посакам добредојде на Albanian Daily News во овој разговор, со нетрпение очекувајќи понатамошна диверзификација на соработката помеѓу нашиот дневен весник и вашата амбасада, така што нашите читатели можат да дознаат повеќе за настаните во Северна Македонија во различни области, како и нејзините односи со Албанија. Во овој дух, ве молам, како би ги оцениле односите меѓу Албанија и Северна Македонија, две соседни земји кои се исто така членки на НАТО и ЕУ аспиранти?

Македонскиот амбасадор Данчо Марковски: Дозволете ми на почетокот од нашиот разговор да Ви се заблагодарам на дадената можност за овој разговор. Albanian Daily News е весник кој со својата содржина е особено читан од странските дипломати акредитирани во Албанија.

Односите меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија во изминатите години во континуитет бележат мошне интензивен степен во билатералната соработка на сите полиња. Интензитетот на реализираните средби меѓу официјалните претставници од двете страни создаде состојба на секојдневна непосредна комуникација и пријателство што е одлична основа за градење на односи ослободени од отворени прашања. Доказ за тоа е и нивото на договорната рамка со која се регулираат односите во повеќе области.

Без никакво сомневање Северна Македонија и Албанија со нивните политики во изминатиот неколку годишен период активно генерираат стабилност во регионот. Затоа е од особено значење меѓународната заедница, а особено Европската унија да го препознае и поддржи овој тренд којшто е во согласност со нејзината надворешна политика кон Западен Балкан.

– Како продолжение, господине амбасадоре, Албанија и Северна Македонија влегоа во нова фаза од нивните билатерални односи што се изразува во иницијативата за заеднички владини состаноци. Кои се очекувањата од ваков нов начин на соработка меѓу двете земји? Дали тоа ќе придонесе да се сврти нов лист во однос на економската и трговската соработка?

Ако ја погледнеме постојната правната рамка, можностите и капацитетите на двете економии, трговската размена е сеуште на незадоволително ниво. Албанија не се наоѓа на листата на 20-те земји со кои Северна Македонија остварува најголем обем на трговска размена. Остварената вкупна трговска размена од околу 180 милиони евра (јануари – ноември) 2021 год. покажува дека зголемувањето е сеуште далеку од посакуваното ниво. Вината за ваквата состојба е заемна. Состојба што мора да се промени.

Од македонска страна се прават конкретни напори низ директни вклучувања на стопанските комори да им овозможат на компаниите подобар пристап на пазарот. Јас и мојот тим во Амбасадата вложуваме големи напори и енергија да ја промениме оваа ситуација и убеден сум дека во тоа ќе успееме.

На овогодишниот Меѓународен саем во Тирана, на кој учествуваше и потпретседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, беше во функција на конкретно разгледување на низа конкретни прашања од билатерален интерес во насока на проширување и продлабочување на економско – трговската соработка.

Потребата за интензивирање на конкретната соработка меѓу двете комори, со цел рушење на постојните стереотипи од минатото, и создавање на современи услови во кои стопанските субјекти од двете страни ќе го најдат својот интерес, е повеќе од потребна.

Имплементирањето на новите олеснителни регулативи во однос на минувањето на границите, упростување на царинските процедури и останатите административни прописи насочени кон реална поддршка на бизнис секторот се очекуваат во најскоро време. Да резимирам очекувам свртување на нова страница.

– Г. Марковски, можеби ќе ве прашаа десетици пати за прашања поврзани со напредокот на евроинтегративниот процес на Северна Македонија и важниот чекор од отворањето на меѓувладините преговори на Унијата со вашата земја и Албанија. Има ли надежи Северна Македонија и Бугарија, каде што се очекува да се формира нова влада, да ги надминат разликите што ќе доведат до одмрзнување на пристапните преговори меѓу ЕУ и Скопје поради бугарското вето?

Надворешната политика на Република Северна Македонија е заснована на активен пристап во градење пријателски односи и меѓусебно почитување, особено со нашите непосредни соседи. Во изминатите 30 години независност успеавме да се етаблираме како сериозен субјект во меѓународната заедница. Се разбира дека патот по кој чекоревме понекогаш беше тежок и неправеден, но тоа не нė обесхрабри да успееме во нашата цел.

Подготвеноста да ги решаваме отворените прашања низ дијалог се покажа како единствен можен начин во градењето на добрососедските односи. Северна Македонија, како ретко која земја од регионот, нема отворени прашања од аспект на меѓународното право, било тоа да се однесува на државната гранична линија или пак последици од војните што се водеа на југословенските простори. Проблемите со коишто се соочувавме се од политичка сфера и истите беа надвор од меѓународното право и обичаи.

На општо задоволство успеавме да го надминеме спорот со Грција. Потпишаниот договор во Преспа стана синоним за решавање на спорови. Договор доби голем публицитет во меѓународната заедница. Во својата неодамнешна посета на Република Грција и Неговата Светост Папата Фрањо не ја пропушти приликата да ја истакне важноста на овој документ. Денес со Грција имаме активен дијалог и соработка. Безбедноста на македонското небо, во рамките на НАТО соработката е во надлежност на пријателска Грција, нешто што пред десетина години беше незамисливо да се спомене.

Оттука убеден сум дека ќе успееме да најдеме решение и со соседна Република Бугарија. Премногу е голем досегашниот влог во меѓусебните односи и соработка да биде оставен на страна. Со бугарските колеги сме во постојан дијалог со цел изнаоѓање на заемно прифатливо и достоинствено решение, кое ќе биде во интерес не само за двете земји и двата народа, туку и за политиката на ЕУ и САД на овие простори.

Северна Македонија успеа да изгради мултиетничко општество кое претставува позитивен пример во регионот. Настојуваме целосно да ги имплементираме европските вредности. Принципот еднакво општество за сите подразбира остварување висок степен на човековите права за секој граѓанин, насока кон која треба да се движи современиот свет.

– Како продолжение, Ваша Екселенцијо, имаше предлози Албанија да ги започне преговорите доколку Софија продолжи да го следи својот блокирачки став кон Северна Македонија. Што мислите за ваков потег?

Ако говориме искрено за политиката на проширување на ЕУ на просторот на земјите од Западен Балкан се разбира дека е многу поупатено процесот да се спроведува заедно со двете земји.

Тоа е правиот начин Унијата да ги реализира нејзините заложби на овој значаен простор спрема кој претендираат и други меѓународни играчи. За потсетување во изминатите 3-4 години имавме различна градација за едната или другата земја во нивната подготвеност.

Едно е сигурно, добивањето на датумот за одржување на првата меѓу владина конференција е само потврда за купен билет за влез во европскиот воз. Сосема друго е прашањето за подготвеноста за отворање и затворање на поглавјата, односно времето за пристигање на одредената дестинација, во случајот на двете земји членство во Унијата.


– Во меѓувреме, како и целиот свет, и Албанија и Северна Македонија продолжуваат да се зафатени од чумата Ковид. Како што се појавуваат нови варијанти на вирусот, како вашата земја се справува со ситуацијата и второ, има ли простор за поголема соработка со Албанија и другите земји од регионот на ова поле?

Светот се соочи со смртоносна епидемија од досега невидени размери. Проблемите што ги создаде Covid 19 директно влијаеја на секојдневниот живот на луѓето, нарушувајќи ги нормалните текови на економијата, односно создавајќи кризи во голем број држави од кои има и многу посилни и поразвиени од Северна Македонија и Албанија.

Она што како императив го прават македонските здравствени власти е спроведување на мерките и препораките на Светската здравствена организација.

Настојуваме што повеќе да го зголемиме бројот на вакцинирани лица и да ја поттикнеме свеста кај населението за придржување кон заштитните мерки. Северна Македонија и Албанија соработуваат и на ова поле, а министрите за здравство одржуваат и лична комуникација.

– Нашиот разговор за билатерална, но и регионална соработка, ме наведува да научам повеќе од вас, господине амбасадоре, за иницијативата Отворен Балкан како врвен дипломат во Тирана, која претставува земја која се приклучи на проектот. Според Вас, какво е неговото позитивно влијание врз регионот и долгорочно очекувате да му се приклучат и другите земји од регионот?

Иницијативата Отворен Балкан наиде на поделени мислења и оценки. Дел од противниците на иницијативата гледаат пред се од политички аспект нагласувајќи некаква хегемонистичка опасност од страна на една од трите (во овој момент) држави. Став кој тешко може да се брани бидејќи пристапувањето кон иницијативата е доброволно.

Никој никого не тера со сила. На аргументот дека оваа иницијатива може да го загрози домашното производство и пазарот да биде преплавен со производи од друга држава, јас би го поставил следното прашање. Ако економиите на Северна Македонија, Албанија и Србија се плашат една од друга, тогаш навистина што ќе бараме на европскиот пазар кој е многу поразвиен и поконкурентен.

Напротив на Отворен Балкан треба да се гледа како непосредна можност за натамошно уредување на слободното движење на луѓето, на стоките, односно за отстранување на административните пречки со кои се соочуваат компаниите било тоа да се царинските и гранични контроли, или пак при издавањето на потребните сертификати и така натаму.

Иницијативата ја доживувам како антипод на разни бирократски правила од еден минат период, на затворени држави. Зошто би требало да биде проблем земјите од регионот да не можат да развиваат економско – трговски односи како на пример скандинавските држави.

Конечно иницијативата Отворен Балкан самата ќе мора да покаже дали е успешна или не за нешто повеќе од една година. Тоа ќе го кажат компаниите. Убеден сум дека претстојниот состанок на крајот од овој декември ќе биде уште еден чекор во имплементирањето на оваа иницијатива.

– Во мај оваа година во Тирана беше отворен Културниот центар на Северна Македонија, благодарение на договорот за реципрочно формирање на такви центри во Скопје и Тирана. Прерано е да се прашувате за активностите на вашиот културен центар, но дали можете да кажете како таквиот потфат ќе ги унапреди билатералните односи, а особено размената меѓу луѓе?

Северна Македонија во односите со Албанија посветува големо внимание во сите сфери на соработка, особено во областа на културата и образованието.

Отворањето на Културно информативниот центар во Тирана и практично ја покажа нашата заинтересираност за збогатување на културната соработка и поврзување на граѓаните на двете земји.

Основниот постулат според кој се раководам во мојата секојдневна работа е насочен кон создавање на нов имиџ на мојата земја во очите на албанската јавност. Во периодот што следи ќе бидат реализирани бројни настани во кои ќе учествуваат уметници од двете страни.

Она за што сум лично заинтересиран е да дојдеме до едно повисоко ниво на културна соработка преку копродукциски проекти со кои уметниците од двете земји заеднички ќе настапуваат во регионот и пошироко во Европа. Посебно ме радува соработка на министерствата за култура како на билатерален, така и на меѓународен план.

Заедничкиот интерес за натамошно подобрување на соработката во делот на образованието беше тема за која што разговараа двете министерки на почетокот од оваа година. Билатералниот договор за соработка нуди големи можности во делот на високо образовните институции во поглед на размена на студенти, професори, признавање на дипломи или организирање на заеднички активности.

Во оваа пригода би сакал да ја истакнам последната средба на деканите од Педагошкиот факултет при Универзитетот Св. „Климент Охридски“ од Битола и Универзитетот „Фан С. Ноли“ од Корча, кои договорија заедничка соработка, како и отворање на Лекторат по македонски јазик во Корча.

На овој начин ќе се овозможи дел од студентите кои доаѓаат од средините на Македонското национално малцинство да ги прошират нивните знаења за современиот македонски јазик. Лекторатот треба да се гледа и пошироко во подготвеноста на Албанија за поеднакова грижа за припадниците на малцинствата, согласно донесениот Закон со кој се регулирани нивните права.


– Да заклучам, господине амбасадоре, дозволете ми да се осврнам на лична работа. Дали некогаш сте биле во Албанија и во секој случај, какво е вашето мислење за вашиот соседен народ, неговата историја, традиции, култура и неговата перспектива на туризмот?

Моето прво доаѓање во Албанија беше далечната 1997 год. што ми дава за право реално да го согледам напредокот што оваа пријателска земја го има постигнато. Албанија станува и мошне интересна дестинација за македонските туристи.

Во 10 месеци од оваа година бележиме 478.000 граѓани на Северна Македонија кои ја посетиле или го користеле нивниот годишен одмор во албанските летувалишта. Тоа секако создава можности за создавање пријателски однос и запознавање со албанската култура и обичаи.

Ви благодарам!

https://albaniandailynews.com/news/-the-open-balkan-initiative-must-prove-itself-