МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА НАЈОСТРО ГО ОСУДУВА ПАЛЕЊЕТО НА МАКЕДОНСКИТЕ ЗНАМИЊА ВО ТИРАНА

Македонска алијанса за европска интеграција во Република Албанија најостро го осудува фрлањето јајца и пластично шише врз автомобилот на македонскиот премиер Никола Груевски и вандалски чин на палење на македонските знамиња во центарот на Тирана по заминувањето на македонскиот премиер од посетата на Албанија. Македонците во Република Албанија сметаат дека ваквиот нецивилизиран акт не е во прилог на пријателските односи меѓу Македонија и Албанија, особено што овој настан се случи по официјалната посета на претседателот на македонската Влада Никола Груевски на Република Албанија, на која двете земји ги потврдија добрососедските односи, меѓусебната доверба и пријателство.

Истовремено, сметаме дека ваквиот вандализам е насочен и против Македонците во Република Албанија кои се нејзини лојални граѓани, придонесуваат за развојот на Република Албанија како своја држава и промовираат толеранција и коегзистенција.

Македонците во Република Албанија очекуваат надлежните органи на Република Албанија да преземат најитни мерки за пронаоѓање и казна на сторителите, а Владата на Албанија најостро да го осуди ваквиот вандалски чин кој поттикнува нетрпеливост и длабоко ги повреди чувствата и на граѓаните на Република Македонија и на сите Македонци во Република Албанија. (Македониум)