Северна Македонија и Албанија се најголеми генератори на стабилноста во регионот на Западен Балкан, нешто што Европската Унија мора да го препознае, заеднички беше констатирано на средбата на амбасадорот Марковски и претседателката на албанскиот Парламент Линдита Никола.
Во разговорот беа разменети мислења за идната парламентарна соработка, како и за актуелните односи меѓу двете држави.
Заеднички беше констатирано дека иницијативата Отворен Балкан дава можност за натамошно економско поврзување и зголемување на економско трговската соработка во регионот.
Соговорниците се согласија дека Македонците во Албанија и Албанците во Северна Македонија се најсилниот гарант во градењето на билатералните односи меѓу двете држави. Доказ за пријателските односи е и бројот од над 400.000 македонски туристи кои годинава летуваа на албанското приморје.
Марковски меѓу другото, информираше за активностите околу отворањето на лекторатот за македонски јазик во Корча и за идните чекори на полето на образованието и културата.
Претседателката Никола ја поздрави оваа иницијатива нагласувајќи дека истата ќе има пошироко значење за припадниците на Македонското национално малцинство во Албанија, нагласувајќи дека и самата го научила македонскиот јазик со оглед на тоа што потеклото на нејзиниот сопруг е од областа на Голо Брдо. (Македониум)