Комитетот на министрите на Советот на Европа (КМ на СЕ) и понатаму со внимание го следи извршувањето на пресудата за предметот ОМО Илинден и другите против Бугарија (предмет59491/00), поточно спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на „четири неоправдани одбивања за регистрација на Здружение кое има за цел признавање на македонско малцинство Бугарија“ во периодот од 1999 до 2015 година.
Воглавно, одбивањето на барањето за регистрација, како што се наведува на почетокот на Одлуката на КМ на СЕ „се оправдува од бугарските судови поради заштита на националните интереси и за уставната забрана здружението да има политички цели“.
Како што јавува дописникот на МИА, за ова се расправало на два пати во текот на минатата година, а последниот пат во декември на КМ на СЕ. Документите кои биле приложени од страна на бугарската влада и одлуката, од неодамна се достапни за јавноста на интернет порталот на Советот на Европа.
Во одлуката се потсетува дека новите правила за административно регистрирање стапиле на сила во 2018 година пред агенција за регистрација со цел да им се олесни пристапот на здруженијата во рамките на соодветните постапки за исполнувања на нивните права во согласност со членот 11 од Конвенцијата за човекови права ( правото на слободно собирање и здружување).
Што се однесува до индивидуалните мерки за целосно спроведување на пресудата, КМ на СЕ истакнува дека на Здружението ОМО Илинден по втор пат му било одбиено барањето за регистрација во ноември 2018, ова според новата процедура за регистрација. При тоа потсетува дека ова е петто одбивање за регистрација откако е донесена првата пресуда во 2006 од Европскиот суд за човеков права во Стразбур.
КМ на СЕ, сепак, забележува дека ова најново одбивање за регистрација „изгледа дека е дел од серијата на потешкотии во првите месеци од воведувањето на новиот систем, поврзано со формалните барања кои треба да ги исполни досието. Се додава, дека половината од околу 1600 барања за регистрација од почетокот на 2018 година биле одбиени „изгледа поради формални причини“.
Понатаму, се наведува дека одбивањето за регистрација е засновано и врз формални причини поврзани со правната безбедност, односно откриената непрецизност за начинот на кој здружението предвидува да ги вклучи своите членови во изборите, и дека овие непрецизности можат лесно да бидат исправени со поголема точност на статутот на Здружението.
Но, КМ на СЕ, забележува дека ова е стар случај за оваа група на предмети (пресуда од 2006 година, и дванаесет години подоцна се уште здружението не е регистрирано), ја подвлекува важноста секое ново барање за регистрација на ОМО Илинден да биде разгледано во согласност со барањата од член 11 од Конвенцијата за човекови права, посебно кога станува збор за обемот на контролата на законитоста на целите и начините за нивно постигнување и пропорционалноста на формалните барања.
Во однос на општите мерки кои ги презеле бугарските власти, забележува дека во септември 2018 во една пресуда, Апелацискиот суд од Софија оценил дека целите за кои се залага едно слично здружение како ОМО Илинден, биле во согласност со статутот за јавени интерес, што преставува значаен напредок во споредба со првичното одбивање, втемелено на сомневањата за опасностите и илегалноста на целите за кои се залага ОМО Илинден и сличните здруженија. Од бугарските власти се бара појаснување на критериумите за регистрација, за да се гарантира нивна транспарентна и предвидлива примена.
Исто така, се забележува со оглед на различната практика на Агенцијата за регистрирање и надлежните судски органи, потребни се дополнителни напори за да се појасни содржината на некои формални барања со цел да се гарантира нивната транспарентност и предвидливост.
Во тој контекст КМ на СЕ го охрабрува широкото толкување на пресудата на Апелацискиот суд од Софија и обврската на Агенцијата за регистрирање да им даде инструкции на здруженијата за тие да ги комплетираат досиејата за регистрација, повикувајќи ги властите да се инспирираат од пристапот на Апелацискиот суд со цел да се гарантира доволно широко спроведување на оваа обврска и да се избегне, во мерка која што е можна, одбивање на регистрации засновани врз формални причини.
КМ на СЕ исто така ги повика властите од Софија во најдобар рок да дадат информации по сите точки на кои се задржа Комитетот на министрите на Советот на Европа, за што е предвидено да се расправа најдоцна на состанокот закажан за во септември, оваа година.