Главните барања на партијата на Македонците во Грција за признавање на македонското малцинство и на македонскиот јазик, за воведување на нивниот мајчин јазик во образовниот грчки систем и натаму остануваат партиски цели. За таа цел Виножито до грчките власти ќе испрати и петиција за признавање на македонскиот јазик и негово воведување во државните училишта.
На третиот конгрес на Виножито, кој на 11 ноември 2018 година се одржа во Горно Врбени (Ксино Неро), Леринско, беше одлучено партијата да учествува на наредните избори за Европскиот парламент во Грција, доколку за тоа успеат да соберат доволно пари.
На конгресот во Централниот комитет беа избрани и седум нови члена, што во партијата се толкува како голем успех затоа што сѐ повеќе млади Македонци почнуваат да се интересираат за активностите на партијата.
Јоргос Пападакис беше кандидиран за потпретседателското место на Европската слободна алијанса (ЕФА), асоцијација на малцинските партии во Европа.
Виножито од грчките власти уште еднаш ќе побара регистрација на Домот на македонската култура во Лерин. Судот за човекови права во Стразбур веќе донесе решение Домот на македонската култура да биде регистриран од грчките судови. Грција одбива да даде дозвола за регистрација и работа на Домот.
Во однос на Договорот од Преспа, Виножито останува на претходниот став соопштен на 19 август, дека се против каква било промена на уставното име на Република Македонија, но не и против дијалогот помеѓу двете држави.
„Дали Република Македонија ќе го смени своето уставно име или не, останува да биде внатрешно прашање на државата и на нејзините граѓани, кои имаат демократско право да гласаат за или против или пак и да не гласаат“, изјавија тогаш од раководството на Виножито и истакнаа дека остануваат против каква било промена на уставното име на Република Македонија.
Конгресот на Виножито во Горно Врбени помина под силно полициско обезбедување во селото, но и на сите приодни патишта кон него. Полицијата вели дека имало најави за доаѓање на припадници на Златна зора, неофашистичка партија во Грција, во обид да го оневозможат одржувањето на конгресот. Но мештаните на ова невообичаено големо присуство на полицијата гледаат и како на обид на власта да ги премисли делегатите од северниот дел на Грција да дојдат на конгресот.
Сепак, организаторите на овој трет конгрес на Виножито велат дека се пријатно изненадени од одѕивот на нивното членство и нивните активисти.
Превземено од www.mkd.mk