Советот на општина Пустец донесе одлука со која новинарот, писател и публицист Спасе Мазенковски постхумно е прогласен за почесен граѓанин на општината.
Во образоложението се наведува дека одлуката се носи поради неговото несебично залагање за унапредување на правата на Македонците во Албанија и за огромниот придонес како новинар, писател, публицист и афирматор на македонската култура и историја во Албанија.
– Спасе Мазенковски ќе остане запаметен како голем македонски патриот, писател, новинар и публицист, кој целиот свој живот го посвети во афирмацијата на македонскиот етнички, јазичен, културен и верски идентитет и за унапредување на положбата и правата на Македонците во Република Албанија, рече Васил Стерјовски, советник од редовите на МАЕИ, по чиј предлог Мазенковски е прогласен за почесен граѓанин на Пустец.
Мазенковски почина на 30 мај годинава во селото Леска, Мала Преспа, каде е роден и каде го мина целиот свој живот. На македонски јазик има објавено неколку поетски збирки, книги, раскази и репотажи. Основач е и претседател на друштвото за заштита на правата на Македонците во Албанија „Преспа”, основач и главен уредник на весникот „Преспа”, како и основач на единствената партија на Македонците во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција(МАЕИ). (Македониум)