Грција ја шири црната листа на непожелни Македонци, за ЕФА тоа е класичен расизам

Ова е срамота за ЕУ и еднаш веќе мора да запре. Ова е дел од реакцијата на Европската слободна алијанса (ЕФА) откако грчките власти на 26 март не им дозволиле влез на неколку македонски граѓани што оделе на прославата на весникот „Нова зора“ во Воден. Црната листа на грчките власти на непожелни Македонци со пасоши од Македонија, Албанија, Канада, САД, Австралија… секојдневно само се зголемува, а не се намалува.


Неколку Македонци минатиот викенд биле поканети да присуствуваат на прославата на весникот на Македонците во Грција „Нова зора“. На границата на некои од нив им било речено дека им е забрането да влезат во Грција, дека се на некаква црна листа и дека се работи за прашање од национален интерес. Меѓу нив беше и пејачката на групата „Љубојна“, која мораше да се врати, а нејзините колеги го продолжиле патот за Воден.
„Грчките власти продолжуваат со децениската расистичка политика, сега и со составување некакви црни листи на луѓе поврзани со судбината на децата бегалци и други Македонци што ги бранат правата на македонското малцинство во Грција“, се вели во соопштението на ЕФА.
Меѓу оние што се нашле на црната листа на Грција е и Васил Стерјовски од Албанија, генерален секретар на македонската партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ). И тој на 26 март планирал да присуствува на прославата во Воден.
„Но на албанско-грчкиот граничен премин Капштица добив црн печат во албанскиот пасош и забрана за влез во Грција“, рече Стерјовски. Во документот што му го издадоа грчките службеници пишува дека е oкарактеризиран како непожелно лице за Грција и дека одлуката за забрана на влез во Грција, грчките власти ја донеле уште на 15 мај 2013 година. Васил најави дека правдата ќе ја бара пред албанските и меѓународните институции во Албанија.
Од партијата на Македонците во Грција „Виножито“ велат дека целта на забраната била саботирање на настанот.
„Без никакво оправдување и објаснување од граничните власти, беше решено да не ѝ се дозволи влез на пејачката, но и на еден политички бегалец. Важно да се спомене е дека истиот бенд пред неколку дена настапи на Балкан фест во Солун без никаков проблем. Да ве потсетиме дека слични реакции има и од полицијата, која изгледа дека е особено чувствителна на настаните поврзани со македонскиот етнички идентитет, без разлика дали се политички или рекреативни“, реагира „Виножито“.
Настаните во организација на македонското малцинство во Грција во минатото беа саботирани и преку исклучување на електричната енергија, блокади на патиштата, евидентирање на регистарските таблички на присутните и снимање на лицата. Од „Виножито“ сметаат дека ваквото однесување на грчките власти е показател на страв и несигурност.
За тоа дали Македонија ќе реагира на ваквото омаловажување на македонските граѓани веќе два дена чекаме одговор од македонското Министерство за надворешни работи.
Превземено од порталот мкд.мк