На денот на македонската револуционерна борба, 23 Октомври, во градот Корча, Албанија, во организација на Македонскиот културен центар “СОНЦЕ”, се реализира Македонскиот фоклорен фестивал “СОНЦЕ 2015”.
Пред полната сала на градскиот театар “Андон З.Чајупи” на Фестивалот зедоа учество македонски фолклорни групи и ансамбли од Албанија, Македонија и од Пиринска Македонија.
На фестивалот се изведоа изворни македонски народни песни и ора од сите делови на Македонија.
На Македонскиот фоклорен фестивал “СОНЦЕ 2015”, од Република Албанија, настапија фолклорната група од Деветогодишното училиште “Отпорот на Горичени” од Долна Горица, Преспа, пејачката група “Гориченки” од Горна Горица, Преспа, како и фолклорната група од Требиште, Голо Брдо.
Од Пиринска Македонија, настапи фолклорната група од Разлог, “Пирински глас”, додека од Република Македонија настапи ансамбалот “Македонија”.
Македонските ора но и народните песни изведени од познатиот македонски пејач Круме Спасовски предизвикаа овации и ора за време на целиот фестивал.
Васил Стерјовски, преставник на Македонскиот културен центар “СОНЦЕ” за албанските медиуми, изјави дека Фестивалот ќе продолжи како традиционален, и дека негова цел е афирмација на македонската култура, фолклор и традиција во Албанија.
Поздравни телеграми до Македонскиот културен центар “СОНЦЕ” по повод одржувањето на првиот македонски фолклорен фестивал “СОНЦЕ 2015” испратија претседателот на Македонска алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски како и Светскиот Македонски Конгрес.
Претседателот на Македонска алијанса Ѓорѓија Џорџ Атанасоски во својата телеграма го честита Денот на македонската револуционерна борба забалгодарувајќи се за иницијативата за традиционално одбележување на овој празник преку фолклорниот фестивал СОНЦЕ.
– “Македонската Алијанса Ви посакува уште многи успеси на полето на патриотското, традиционалното, историското и културното поврзување на сите браќа и сестри Македонци од регионот. Ваквите настани се од исклучително значење за Македонците кои живеат и работат на различни континенти. Секој кој го чувствува копнежот да ја види Македонија обединета и силна, го разбира значењето на организираното дејствување на Дијаспората.” – се вели во поздравната телеграмата на Претседателот на Македонска алијанса Ѓорѓија Џорџ Атанасоски.
– Примете искрени честитки од Македонците во целиот свет, по повод одржувањето на Првиот Македонски фолклорен фестивал во Корча, во организација на Македонскиот културен центар “СОНЦЕ”. Македонците во Албанија се неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ, вградени се во темелите на државноста на Албанија и нивната културна афирмација во албанското општество е за поздравување и поддршка. Веруваме дека овој фестивал ќе прерасне во традиционален и секоја година како сонце ќе ги огрева Македонците со македонски песни и ора во градот Корча, во Албанија, – се вели во поздравната телеграма до Фестивалот упатена од Светскиот Македонски Конгрес. (Македониум)