(ИНТЕРВЈУ) Васил Стерјовски: Македонците од Албанија бараат поголема поддршка и од македонската влада

Васил Стерјовски е еден од најпознатите и политички најактивните Македонци од Мала Преспа. Генерален секретар е на партијата на Македонците, Македонска Алијанса, и беспоштеден борец за правата на Македонците во Албанија. Работи како директор на Јавното претпријатие за водовод во Корчанската област.
Со Васил Стерјовски разговаравме во рамките на летниот камп „Ја сакам Македонија“, кој се реализираше во Охрид, во хотелот Десарет, крај Пештани.
А разговаравме за состојбите на Македонците во Албанија, за помошта и непомошта, како и за игнорантскиот однос на албанската влада кон областа населена со македонско население, за добрата страна на Народниот правобранител на Албанија, за поддршката од македонската влада и за емотивната врска на Македонците од Мала Преспа со Македонија и со името македонско…

vasil
ОХРИД 24: Господине Стерјовски, често доаѓате во Македонија и соработувате со, речиси, сите институции и со сите видни луѓе, почнувајќи од претседателот на Македонија, од градоначалниците и до сите други значајни македонски институции и личности.
– Веќе неколку дена сум тука на овој камп насловен „Ја сакам Македонија“, на кој учество традиционално учество земаат стотина деца од македонската дијаспора. Оваа година ги има помалку, околу педесетина, а меѓу нив и дваесет дечиња од Мала Преспа, Корча, Поградец и од областа на Голо Брдо… Јас сум со нив во придружба. Инаку ова е во организацијаа на Министерството за надворешни работи и министерот, неговата екселенција Никола Попоски.
Го поздравуваме овој камп и сметам дека ова е една посебна можност, не само за Македончињта од Мала Преспа, ами и сите други и од просторите на денешна Албанија, но и од европските земји, да ја посетат Македонија, да го научат македонскиот јазик и да се запознаат меѓусебно и да се дружат и натаму да контактираат како Македонци, особено на овој денешен полесен начин преку социјалните мрежи.

ОХРИД 24: Да се вратиме на нашата тема и на животот на нашинците во дијаспората. Како стојат работите со Македонците во Мала Преспа? Што очекувате со новата власт во чија коалиција сте и што, во сушност, ќе добијат Македонците од новата влада?
– Ние, Македонците од Мала Преспа имаме поголема среќа од нашите браќа во Пиринска и Беломорска Македонија. Ние сме признати како малцинство во Република Албанија и имаме одредени права на оваа територија. За жал, не насекаде се истите права. Токму тоа е и нашата борба: сите Македонци каде и да живеат во Албанија, да имаат исти права како и граѓаните Албанци.
Очекуваме, а и согласно препораките на Европската комисија, се надеваме дека пред да стане Албанија членка на ЕУ, да направи одредени подобрувања. Ние бараме Закон за малцинства и да се изборат за сите права кои произлегуваат согласно тој закон. За среќа, овде во Албанија, за првпат имаме поддршка и од Народниот правобранител кој направи специјален извештај за состојбата на Македонците во Албанија. Беше и во Пустец и се консултираше и со нас за состојбата со нашинците во овој дел и во други делови на Албанија.
Ние сме благодарни што сите наши забелешки стојат во извештајот и сите препораки. Сметам дека ова е сериозен чекор на добра поддршка, зашто Народниот правобранител, сепак е државна институција која е директно избрана од Парламентот на државата и во тоа е тежината.

ОХРИД 24: Што вели на ова Владата на Албанија?
– Ние не очекуваме којзнае колкава промена на нашите права, зашто реиси сите досегашни влади имале иста стратегија и речиси консензус по однос на нашите права. Иако сите изјавуваат дека Албанија е пример за малцински права, а тоа го викаат уште од времето на комунизмот, сепак, работите не стојат така на терен.
Има, подобрување на некои права, но главно тоа е ограничено во рамките на нашето организирано живеење.
Во овој контекст, да спомнам дека нам ни се укинати 5 етнички македонски општини во областа на Голо Брдо (Стеблево, Требиште и Острени) и 2 општини во областа на Гора (Шиштарец и Запот). Единствена општина е Пустец во која има најмалку Македонци, во однос на другите делови во Албанија.

ОХРИД 24: Дали ова значи дека во Албанија живеат многу повеќе илјади жители Македонци?
– Да, се проценува дека имаме над 100.000 Македонци во Албанија, раселени во сите поголеми градови. Всушност тоа раселување е стратешки обмислено од властите и државата со цел да се раситни и да се разедини македонското етничко ткиво и само по себе да се интегрира и да се асимилира во албанското милје.

ОХРИД 24: Како тоа го прават? Зошто се случува таква т.н. миграција, интеграција, па сè до асимилација?
– Видете, инфраструктурата во пределите каде што живеат Македонците е речиси никаква. Условите се тешки за живот. Нема никакви инвестиции, ниту индустријализација и оттука, Македонците се принудени да го напуштат тој рурален крај и да мигрираат во потрага по подобри услови за живот. Тој процес е речиси во континуитет, а државата упорно не инвестира во нашите краишта каде што живеат нашинците – Македонци.
Немаме ниту основни услови за живот, нема канализација, нема доволно вода, нема амбуланта, нема многу нешта кои се неопходни за живот и тоа е причината што речиси цели села што биле населени со илјадници етнички Македонци, денес да се опустошени, а нивните жители да се расселени по поголемите албански градови.
Еве еден пример: едно Требиште во Голо Брдо кое пред триесестина години имаше 7.000 македонски жители, и кое во комунизмот беше наречено Мала Кина, денес има помалку од 1.000 жители. Има и други слични судбини.
Ние од Мала Преспа имаме малку подобри услови инфраструктурно во патот кој нè поврзува со Стење и Корча. Тоа се надеваме ќе донесе и подобри економски услови.

ОХРИД 24: Каков е односот на државата кон општината Пустец и кон овие рурални подрачја во Мала Преспа? Има ли некоја инвестиција, обид за индустријализација?
– Албанската држава речиси и да нема интерес да направи таков чекор зада се развијат македонските краишта. Тоа е државната им стратегија и ние тоа го читаме и следиме цело вртеме. Нивната политика е, природно (или економски принудно) Македонците од овие наши краишта да се иселат во внатрешноста на Албанија каде ќе дојде до природна асимилација.

ОХРИД 24: Колку Македонците сами по себе имаат моќ да инвестираат за себе во овие краишта?
– За жал, малку. Нема богати семејства или бизнисмени кои би инвестирале повеќе отколку за себе и за своите семејства. Толку е силата. Има и некои побoгати Македонци во Тирана и во поголемите градови, но очигледно тие немаат интерес да вложуваат во Мала Преспа. Има една најава дека ќе се отвори еден мал текстилен погон во Пустец, а тоа е во лобирање на еден наш Македонец од Струга во соработка со еден негов партнер од Италија… Се надеваме дека и ова малку ќе биде многу за нашинците во Мала Преспа.

ОХРИД 24: Во самото учество со коалицијата, Македонците добија и некои раководни места. Едно од тие е и вашето директорско место на Јавното претпијатие за водовод во Корча.
– Ние сме во коалиција со социјалистичката партија и како партнер го добивме ова место. Овде, сакам да истакнам дека Македонците кои ќе ја подржат нашата Македонска партија имаат можност и за кадровски добивки кои ги нуди едно раководно место. Да напоменам дека во претпријатието со кое раководам веќе има вработено над 15 Македонци и тоа сосема соодветни и високостручни кадри кои се школувани во Македонија. Сепак, Македонците во Албанија се образовани луѓе. Имаме голем број на различен профил и оттука јас немам проблем да вработувам или да помогнам да се вработат овие кадри кои се со македонско етничко потекло.
Тоа е еден добар пример и затоа велам да бидеме пообединети и со поголема поддршка за македонската партија и да успееме како и досега да земеме повеќе проекти со кои ќе се подобри живеењето на Македонците во Мала Преспа и во Албанија воопшто. Општината нема голем буџет и мали се приходите и мора да интервенира и албанската влада за да заживее и овој наш рурално македонски крај. Се надеваме дека со еден владин чекор кон нас и Македонците во Албанија ќе ја добијат својата пролет.

ОХРИД 24: Колку македонската влада и Македонија водат грижа за своите во Мала Преспа и во Албанија воопшто?
– Она што е добро и што важи како добра поддршка од страна на Македонија е можноста Македонците, овдешните Македонци да студираат на македонските универзитети во Република Македонија. Имаме повеќе стотини дипломирани стручни кадри кои се враќаат во Албанија и соодветно се вработуваат. Од друга страна, ние немаме никаква помош во однос на инвестиции или економска поддршка на македонската влада и не само на оваа, ами и на сите претходни.
Ако имаше барем малку таква екомомска и инвестициска гриожа, ќе немаше ниту иселување ниту асимилирање на Македонците во Албанија. Ете, тука многу потфрли македонската држава во однос на нас Македонците од Мала Преспа и Македонците во Албанија. Можеше барем нашата македонска влада да субвенира и да стимулира некој македонски бизнисмен да отвори некој индустриски погон во Мала Преспа и да заработи добро на сметка и на евтината работна сила, пак на сметка на нас Македонците, ама и за интерес на нас Македонците.
Ако македонската држава помогне, а сѐ уште не е доцна, еве апелираме и во оваа прилика да го направи тој чекор, секако во соработка со албанските власти, сепак, Македонците во Мала Преспа и во другите краишта ќе имаат подобра и подолга иднина и попросперитетна!

ОХРИД 24: А нели поддршката треба првин да дојде и од владата на државата чии граѓани сте сега, мислам за поддршката од албанската влада?
– Да, ести така! Ние, пред сѐ, очекуваме поддршка од албанската влада, зашто тука работиме и трошиме и плаќаме даноци. Ние сме лојални граѓани на Албанија и го почитуваме Законот. За жал, имавме и еден случај каде нашинците по двапати ги платија своите сметки и даноци кон државата.
За шега, често велам и тоа сум го изјавил и на албанските медиуми, а и на странските амбасадори во Албанија – дека Македонците во Албанија се поголеми албански патриоти од самите Албанци, особено од оние северните кои мошне слабо ги плаќаат даноците и давачките кон државата Албанија. Од овие причини, сметаме дека заслужуваме еден мал инвестициски потег пред сè од албанската влада, во интерес се разбира, и на нашата заедничка иднина и како што умеат и милуваат да кажат Албанците во Македонија; и за македонско-албанскиот соживот во Албанија.

ОХРИД 24: Која е вашата порака до македонските власти и до македонската држава?
– Па, ете мојата порака нека биде она што претходно го забележав како потфрлување од страна на македонската држава, а тоа е: нека поттикнат некоја поголема македонска компанија да инвестира во подрачјата каде што живеат Македонците во Албанија.
Секој отворен и мал индустриски погон ќе биде голем потег и голема надеж за иднината на Македонците од Мала Преспа, Голо Брдо и Гора и за сите овдешни жители на руралните албански краишта населени со етнички Македонци.

ОХРИД 24: Македонците од Мала Преспа бараат поголема инвестициска и економска поддршка и од албанската, но и од македонската држава. Што друго бараат Македонците од Мала Преспа и од Албанија, кога се обраќаат кон Македонија и кон македонските актуелни раководства?
– Ние посакуваме Македонија да биде многу посилна држава и политички и економски и, колку Македонија ќе биде посилна, толку посилни и пообединети ќе бидеме и ние Македонците надвор од нејзините граници и во дијаспората. Она што сакам да го порачам во името на сите Македонци од Мала Преспа и од Албанија до нашите македонски раководства во Македонија е следното: да не попуштаат во одбраната за името! И да не заборават дека тоа не е само ексклузивно право на Македонците само во Македонија, ами и на сите нас кои живееме и надвор од Република Македонија и сите ние кои се идентификуваме со името Македонија и Македонци!
Македонците во Македонија треба да умаат предвид дека се малцинство во однос на Македонците кои живеат надвор од Македонија! Ние, иако сме сиромашни економски, сепак сме силно и емотивно поврзани со нашата Македонија. Поинаку боли и посилна е болката кога си откинат од родното огниште, од мајката земја, од Татковината. Ние, овдешните Македонци, и денот и ноќта ја поминуваме на македонски. Ги следиме настаните во Македонија и тоа е нашиот овдемакедонски разговор.
Поврзани сме со Македонија, а сочувствуваме и со голготата на сите наши браќа од Пиринска и Егејска Македонија. Нашата потсвест е македонска, а нашата свест е да работиме на зацврстување на македонското во нас и така обединети да придонесеме за зачувување на нашето име, нашиот идентитет и за нашата попросперитетна, економски посилна и европска Македонија!

Дим Дон
Интервјуто е превземено од порталот
ОХРИД24
ЛИНК