Одржано првото издание на „Голо Брдо фест 2015“

Во дебарското село Џепиште, кое се наоѓа во близиина на македонско-албанската граница и географски припаѓа на областа Голо Брдо, на 5-ти август, по првпат беше одржана манифестацијата „Голо Брдо фест 2015“.

golo-brdo-fest
Органиатор на оваа музичка манифестација е Здружението за култура „Голо Брдо“ од Џепиште со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.
Пред голем број Македонци од населените места на областа Голо Брдо, од двете страни на ~границата, сегашни како и поранешни жители на Џепиште, кои денес живеат во Скопје и други градови во државава, се претставија ансамбли и фолклорни групи од општините Дебар, Центар Жупа, Струга и од Вевчани.
Присутните на оваа значајна манифестација, која има за цел негување на традициите, обичаите, културата и македонскиот идентитет, од името на органзиаторот ги поздрави Атиф Бајрамовски, додека од името на Македонците од селата на Голо Брдо од албанска страна, Или Халилај, претседател на огранокот на македонскто друштво „Илинден“ и Едмонд Османи од македонската партија Македонска алијанса за европска интеграција.
– Тие се наши браќа и сестри, и наредната година ќе има учество и на фолклорна секција на македонски јазик од селото Требиште, кое е најголемо село на Голо Брдо во Албанија. Оваа манифестација ќе биде традиционална и ќе го претставува богатиот македонски фолклор, рече меѓу другото Ернес Амзоски, претседател на Здружението „Голо Брдо“ од Џепиште.
Областа Голо Брдо од двете страни на границата брои 26 села. При поделбата на Македонија 22 села останале во Албанија, додека четири се во Македонија – Отишани, Џепиште, Манастирец и Модрич. Сите биле населени со Македонци. (Македониум)