МАКЕДОНЦИТЕ ВО АЛБАНИЈА ГО ПРОСЛАВИЈА ЃУРЃОВДЕН

Македонците во Албанија, на 6-ти мај 2015 година, го прославија празникот Ѓурѓовден. Овој празник освен православните Македонци од Мала Преспа, Врбник и Голо Брдо традиционално го прославија и Македонците муслимани од Голо Брдо и Гора.

Прослава на Ѓурѓовден, Стеблево, Голо Брдо

Прослава на Ѓурѓовден, Стеблево, Голо Брдо


За Ѓурѓовден во Мала Преспа, имаше организирани прослави во селата Шулин, Глобочени и Долна Горица. Во областа Гора прослава се организираше во с.Шиштевец, додека во областа на Голо Брдо, Ѓурѓовден организирано се славеше во с.Стеблево.

На Ѓурѓовден во Мала Преспа, Врбник, Гора и Голо Брдо се изведуваат многу обичаи сврзани со овој празник. Почнуваат на 5 мај пред зајдисонце кога сите млади,  и постари одат  по ливадите и бавчите  каде берат гранчиња / потки/ и цвеќиња,  ги носат дома каде ги закитуваат портите, влезната врата на куќата, трлата, плевните,  се за здравје и во чест на доаѓањето на Пролетта. Според верувањето потките ги штитат куќите од разни опасности, а нивите и родот од несреќа. Во некои места еден боз се става пред куќата пред влезната врата и утрото на Ѓурѓовден секој кога ќе стане и излегува надвор стапнува на бозот за здравје. (Македониум)