Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Република Албанија, на 3-ти април 2015 година ја посети Општина Пустец, што претставува прва посета на еден македонски претседател на оваа општина.
За време на престојот во Пустец и средбите со македонско население, претседателот Иванов истакна дека само со иницијативи и проекти за развој на туризмот и поголема економска соработка ќе се подобри стандардот на жителите.
„Овој дел од Преспанското Езеро е недопрена природа, но тука треба да доаѓаат туристи, млади луѓе. Производите кои ги имате тука можете да ги понудите, а од тоа и да остварите егзистенција. Во другиот дел на Преспа, има се повеќе летувалишта и услужни објекти и очекуваме во овој дел да се зголеми туристичката понуда”, рече претседателот Иванов во обраќањето пред жителите.
Нагласи дека очекува конкретни иницијативи и идеи кои во иднина ќе дадат резултат и ќе го подобрат стандардот.
„Многу зборуваме за политика, да се посветиме на економијата. Во тој поглед стоиме на располагање. Заедно со Албанија сакаме да аплицираме за многу европски фондови за меѓугранична соработка, така што треба и локалната самоуправа и сите млади своето знаење да го користат да се аплицира за грантови, да се донесат странски инвеститори и животот да се менува на добро”, посочи претседателот Иванов.
Покрај жители од Пустец, на средбата со претседателот Иванов присуствуваа и Македонци кои живеат во другите делови на Албанија. Претседателот Иванов, меѓу другото, посочи дека континуирано се залага тие да ги добијат истите права како и Македонците во Пустец.
„Македонците во оваа општина ги уживаат правата на мајчин јазик, ги негуваат своите традиции и култура, но тоа го немаат другите Македонци во останатите делови од Албанија”, рече претседателот Иванов, укажувајќи оти на вчерашните разговори со албанскиот државен врв побарал без разлика каде живеат Македонците во Албанија да ги уживаат истите права како и тие во Пустец.
За заложбите и за заслугите на претседателот Иванов за правата на македонската заедница во соседна Албанија, Општина Пустец го прогласи за почесен граѓанин за што градоначалникот г. Едмонд Темелко му врачи плакета.
„Ние Македонците во Албанија сме лојални граѓани и сме добар пример како треба да се почитува државата во која живеат и како со нашите минимални можности се бориме што подобро да го развиеме местото и државата каде живееме”, изјави г. Темелко.
Жителите на Пустец се со очекувања претседателот Иванов да ги пренесе нивните барања за подобрување на условите за живот и на можностите за вработување. Велат дека се задоволни од правата и можностите за учење на македонски јазик, но оти очекуваат да се пренесат нивните барања за проблемите со коишто се соочуваат со обезбедување вода за пиење во летниот период, како и да се создадат можности за отворање на работни места.
Претседателот Иванов ја посети гимназијата и деветолетката во Пустец, додека г-ѓа Маја Иванова ја посети градинката во Пустец, каде подели подароци за децата.
Со престојот во Пустец, претседателот Иванов ја заокружи дводневната официјална посета на Република Албанија. (Македониум)