Македонската заедница во Албанија на крајот на 2014 и почетокот на 2015 година изгуби двајца истакнати активисти и собирачи на фолклорот на областите Гора и Голо Брдо.
На 30 декември 2014 година во Кукс, Албанија почина Назиф Докле, основач и прв претседател на етно-културното друштво “ГОРА” во 1991 година.
Роден е на 15 јануари 1945 година во с.Борје, областа на Гора, Албанија. Завршил ликовна уметност во Тирана, отсек склуптура, потоа завршува Висока педагошка школа во Скадар, специјалност албански јазик и литература.
Долги години работел како учител, главен инспектор за образование во округот на Кукс и директор на музејот во Кукс а се занимавал и со сценографија и бил режисер на повеќе документарни филмови.
Бил член на Друштвото на писатели и уметници на Албанија уште од 1975 година. Неговата истражувачка активност вклучуваше повеќе материјали од областа на историјата, лингвистиката и етнографијата.
Објавил над 35 книги, 130 текстови во весници како и научни и културни списанија во Албанија и други држави. Најпознати негови трудови се речникот “горански-албански” со над 43.000 зборови, “За Гора и Гораните”, “Муке Миле”, “Севни бре ашик, севни бре душо”, “Горански народни песни”, “Богомилизмот и етногенезата на торбешите од Гора во Кукс” идр.
Автор на повеќе уметнички изложби. Организиатор на повеќе фестивали во Кукс каде е преставен богатиот фолклор на областа на Гора. Човек кој даде многу за неговата област Гора.
ПОЧИНА ЦВЕТАН ЗАФИР МАЗНИКУ 1938-2015
На 6-ти јануари 2015 година, во Тирана, Албанија на седумдесет и седум годишна возраст, почина Цветан Зафир Мазнику, роден 1938 година во село Клење, Голо Брдо, Албанија. Основно образование завршил во родното село Клење, а гимназија во градот Драч. Во 1957 година ги започнал студиите на Рударскиот факултет во Лениград, Руската Федерација.
Дваесет години работи во рудникот во Подградец, а преостанатиот дел од животот во Тирана, каде што две децении работи на Институтот за истражување на државниот универзитет. Од 1990 година активно започнува да го собира народното творештво од родниот крај, со цел да го остави во наследство на генерациите кои растат и во незаборав.
Цветан Мазнику беше активен борец за националните права на Македонците во Голо Брдо и во Албанија, а покрај професијата, се посвети на македонските работи и целиот живот беше вклучен во борбата за унапредување на положбата и правата на Македонците во Република Албанија.
Еден е од основачите на Политичкото друштво МИР од Тирана и прв престседател на Заедницата на Македонците во Албанија.
Цветан Мазнику засекогаш ќе остане запаметен со своите значајни дела, шесте тома под заедничкото име “Македонски фолклор“, во коишто заедно со своите најблиски соработници Вита Блаже Која, Митре Стојан Штуку, Вељо Цфарку и Кимет Фетаху, го прибра и обработи големото културно и духовно наследство на Македонците во Република Албанија, богатиот македонски фолклор и традиции од областа Голо Брдо. Првиот том од оваа едиција е насловен “Пословици и поговорки на македонски јазик“, вториот том “Дове, клетви и гатанки“, третиот том “Македонски-Aлбански пословични паралели“, четвртиот том “Пословици, поговорки, пословични и фразеолошки изрази“, петтиот том “Народни песни 1“ и шестиот том “Народни песни 2“. Сите изданија се подготвени и испечатени на македонски јазик и кирилското писмо и на македонски јазик со латиничното писмо.
Овој капитален издавачки проект опфаќа над 3.000 поговорки, клетви, благослови и други умотворби од областа Голо Брдо, во издание на Политичкото друштво на Македонците МИР во Тирана.
Во родното Клење, како и меѓу сите Македонци во Република Албанија и во светот, но и во историската меморија на неговата сакана Македонија, името на Цветан Мазнику засекогаш ќе остане како патоказ за идните генерации, како се сака и колку самопрегорно се работи за својот народ.
Повеќепати беше пратеник на Генералното собрание на Светскиот Македонски Конгрес, со чијашто одлука доделено му е највисокото семакедонско признание почесната титула МАКЕДОНСКИ СЕНАТОР. (Македониум).