Албанскиот Народен правобранител Игли Тотозани на 20 декември во хотелот „Мондиал“ во Тирана организираше годишна конференција со невладиниот сектор каде го престави првиот извештај за положбата на малцинствата во Албанија. Тотозани препорача соодветни мерки и зголемување на можностите за образованието на малцинствата, вклучувајќи го учењето на јазиците на малцинствата, унапредувањето и развојот на културниот идентитет на малцинствата.
Народниот правобранител Игли Тотозани препорача подобрување на правната рамка, потоа ратификацијата на Европската повелба за регионални јазици, како и заштита од дискриминација на малцинствата. Укажувањето на правобранителот е во годината кога Македонците во неколку делови во Албанија по новата територијална поделба, со која процентуалната застапеност им е намалена, ја загубија можност за образование на мајчин јазик. Администрацијата во Тирана остана глува на барањатаза учење на мајчиниот македонски јазик.
-Постоењето на малцинствата во Албанија е историски факт. Ова постоење е признаено од државата во два вида на малцинствата, национално малцинство, вклучувајќи грчки, македонското малцинство и српско-црногорското малцинство и етно-јазични малцинства, вклучувајќи ги и влашки и ромското малцинство – изјави Тотозани.
Албанскиот Народен правобранител укажа и на спроведување на попис, чии што резултати и подготовка ќе бидат неспорните и прифатени од малцинствата и од другите заедници, со што ќе се даде вистинска слика на популацијата. Укажа и на потребата од создавање услови за зголемување на просперитетот во областите каде што живеат малцинствата и другите заедници, вклучувајќи и финансирање со посоодветен буџет за локалната самоуправа. Тотозани побара и зајакнување на улогата и активностите на сите државни институции во контекст на почитување на правата на малцинствата, особено на проширувањето на дејноста на независните институции во заштитата на човековите права и да ги поддржат со цел афирмација, признавање и почитување на човековите права на малцинствата.
Инаку во извештајот албанскиот народен правобранител се изнесуваат десет препораки за подобрување на положбата на малцинствата меѓу кои и донесување на еден посебен закон за нивно признавање. Пред изготвувањето на извештајот Народниот правобранител ги контактираше сите малцинства вклучувајќи го и македонското малцинство кој доставија до Народниот првабранител посебни извештаи за нивните положби во Албанија.
ОБСЕ: Албанија да ги признае и почитува правата на малцинствата
На годишната конференција на албанскиот Народен правобранител учествуваше и заменик амбасадорот на мисијата на ОБСЕ во Албанија, Роберт Вилтон, кој повика на заеднички напори за подобрување на заштитата и унапредувањето на правата на малцинствата во Албанија, барајќи да се подобрат правата на малцинствата. Вилтон го поздрави Специјалниот извештај на Народниот правобранител за малцинства, кој, како што рече е важен придонес за вклучувањето на малциснтвата во Албанија, во широк дијалог кој веќе е започнат.
-Не сите сме виделе како изгледа и знаеме што може да се случи кога идентитетот на малцинстава се користи за дискриминација. Во спотивно заштитата на човековите права и целосното интегрирање на малцинствата се фактор кој помага во изградбата на демократско и стабилно општество. Потребно е да се почитува идентитетот на сите малцинства а со тоа земјата да стане стабилна и моќна во тој поглед,- рече Вилтон.
ОБСЕ во Албанија, преку Високиот комесар за национали малцинства го поздрави чекорот на Албанија кон косолидација на стабилноста во регионот. Во тој контекст спаѓа и формирањето меѓуинституционална работна група, задолжена за оценување на напредокот на правата на малциснтвата во Албанија, како и правната рамка и политиките на државата во однос на малцинствата. (Македониум)