Пред 20 години почина Корнелис Јоханес Георг Спулстра (1901-1994), попознат под псевдонимот А. ден Долард – холандски новинар, писател, скитник и голем пријател на Македонија. Еден обичен човек кој живееше многу необичен живот.
Холанѓанец вљубен во Македонија
Уште од шеесеттите години на минатиот век Холанѓаните се меѓу најчестите посетители на Охридското Езеро, а почетоците на нивното масовно присуство се поврзуваат со А. ден Долард, кого многумина го сметаат за најзаслужниот промотор на Македонија во Холандија.
А. ден Долард долго време бил меѓу највлијателните холандски писатели и новинари. Со пишување активно се занимавал шест десетлетија при што зад себе оставил педесетина книги од различни видови (романи, автобиографии, патописи, раскази, поезија) и бројни статии во разни холандски весници. Многу од неговите книги доживеале бројни изданија во подолг временски период, а некои се нашле на списокот на задолжителната училиштна лектира. Поголемиот дел од книгите се инспирирани од земјите во кои престојувал авторот, кој ќе остане познат и по скитничкиот начин на живот.
Книгите на македонска тема заземаат значајно место во творештвото на А. ден Долард. Романот „Ориент Експрес“ (Oriënt-Express), објавен во 1934 година и посветен на македонската борба за слобода, се смета за едно од врвните дела на холандскиот писател. За Македонија пишувал уште во романот „Заедно е два пати сам“ (Samen is twee keer alleen) од 1976 година, но и во други книги и новинарски статии.
„Свадбата на седумте Цигани“ (De bruiloft der zeven zigeuners), објавена во 1939 година, има клучна улога во промовирањето на Охрид. Љубовната приказна за фотографот Бранко и убавата студентка Душка во оваа книга се одвива околу Охридското Езеро. Напоредно со љубовната приказна, авторот раскажува за најзначајните охридски културно-историски споменици и воопшто за животот во Охрид во годините пред Втората светска војна. Во содржината на романот се застапени и народни песни од Македонија и другите делови на некогашното Кралство Југославија.
„Свадбата на седумте Цигани“ била замислена како романтична приказна која требало на холандските читатели да им ја долови егзотиката на Балканот. Таа останала популарна неколку децении поради што доживеала бројни изданија. Била објавена и во Австрија, Германија и Швајцарија. Книгата го будела љубопитството со што кај читателите се јавувала желбата да ги посетат местата и да се соживеат со ликовите од приказната.
Преку целата содржина на романот авторот испраќа недвосмислена покана за посета на Македонија и запознавање со нејзините убавини, па така на едно место запишал:
„Освен тоа, вреди од Париз да се дојде на Балканот, само за да се види Охрид. Каква прекрасна местоположба врз стрмниот рид! И гратчето, каква ли прекрасна мешавина од обичаи и векови…“ (A. den Doolaard: „De bruiloft der zeven zigeuners“, Em. Querido`s Uitgeverij, Amsterdam, 1963, стр. 35)
Илјадници Холанѓани го прифатиле предизвикот и решиле да го посетат Охрид. Притоа многумина од нив изградиле цврсти пријателски односи, дури и бракови со охриѓани и други Македонци, со што се создале нераскинливи врски помеѓу двете земји. Ова е најдобрата потврда дека А. ден Долард преку „Свадбата на седумте Цигани“ дал исклучителен придонес за популаризацијата на Охрид, а со тоа и за развојот на туризмот и пошироките врски помеѓу Холандија и Македонија.
А. ден Долард за Охрид пишувал и во други негови книги. Во книгата „Ова е Југославија“ (Dit is Joegoslavië), која освен во Холандија била објавена уште во Велика Британија, Германија и Франција, пишува:
„Охрид, голем центар на религијата и науката, во средните векови имаше десетици православни цркви. Денес постојат околу десетина. Православните монаси за своето побожно домување свесно избираа чист поглед. Оттука и неспоредливата местоположба на манастирот од 14-тиот век „Св. Јован Богослов“, на една висока карпа над широкото планинско езеро.“ (A. den Doolaard и Cas Oorthuys: „Dit is Joegoslavië“, Contact, Amsterdam/Antwerpen, 1957, стр. 95)
А. ден Долард својата љубов кон Македонија им ја пренесе на новите поколенија и остана да живее во спомените на многубројните холандски читатели. Неговите македонски почитувачи ќе го запомнат како градител на пријателство меѓу две различни култури од две далечни земји.
Македонија му оддава почит на големот холандски пријател
На 29 мај 2006 година во Охрид беше претставен обновениот Холандски парк во кој централното место му припаѓа на споменикот на А. ден Долард, а во текот на истата година за прв пат беше објавен македонскиот превод на „Свадбата на седумте Цигани“.
Пак во Охрид, во 2011 година културните дејци Мишо Јузмески и Лидија Размоска го основаа Културно-информативниот центар „Култура 365“; овде беше отворена спомен-соба за А. ден Долард во која се изложени неговите книги и податоци за неговиот живот. Една година подоцна авторот на овој текст ја објави книгата „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“, во која се опишани животот и делото на холандскиот вљубеник во Македонија.
Мишо Јузмески