Министерот Бушати на средба со преставници на малцинствата во Албанија

Министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати синоќа, одржа состанок со претставници на Државниот комитет на малцинствата и со претставници на здруженијата на малцинствата во Албанија.

 

Оваа средба, која имаше за цел зајакнување на дијалогот со здруженијата на малцинствата, се одржа во рамките на информирањето и транспарентноста за препораките на Советот на Европа за ситуацијата на малцинствата во Албанија. На средбата беше поделено и Мислење на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција “За заштита на малцинствата” и резолуцијата на Советот на Европа, преведени на јазиците на малцинствата вклучувајќи и на македонски јазик, пренесува весник Македониум.

За време на средбата, министерот Бушати ја истакна волјата на албанската влада за зголемување на соработката со претставниците на малцинствата, нивната вклученост во процесот на консултации за решавање на нивните проблеми, како и за поттикнување и поддршка на нивните активности за понатамошна заштита и развој  на културниот и јазичниот идентитет на малцинствата.

Албанија, во согласност со меѓународните обврски треба да превземи конретни мерки за заштита на правата на малцинствата. (Македониум)