СМК СО РЕЗОЛУЦИЈА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО РЕПУБЛИКА АЛБАНИЈА

12 август 2014 година, Скопје, Македонија – 24 Генерално Собрание на Светскиот Македонски Конгрес одржано на 9 август годинава во Скопје, меѓу повеќето, усвои и Резолуција за Македонците во Република Албанија, во која се вели:

(1) Од албанските власти се бара почитување и унапредување на положбата и правата на Македонците на целата територија на Република Албанија, посебно остварувањето на правото на образование, информирање и вероисповед на мајчин македонски јазик.

(2) Се иницира билатерален договор меѓу Република Албанија и Република Македонија за основните права и слободи на Албанците во Република Македонија и на Македонците во Република Албанија, на реципроцитетна основа.

(3) Се бара албанските власти да организираат, а меѓународната заедница да го набљудува пописот со графа со етничко потекло Македонец.

(4) Се апелира на возобновување на Македонската заедница во Република Албанија што ќе ги обедини сите македонски здруженија.

(5) Се нудат услугите на добра волја на Светскиот Македонски Конгрес за една и единствена Македонска заедница во Албанија.

(6) Светскиот Македонски Конгрес ќе ја поттикнува и помага организацијата и активностите на Македонците во Албанија.

(7) Се изразува незадоволство од новиот закон за територијалната организација на локалната самоуправа на Република Албанија, со којшто се укинуваат трите македонски општини Стеблево, Требиште и Острени во областа Голо Брдо, средна Албанија и двете македонски општини Шиштавец и Запот во областа Гора, северна Албанија. Законското решение се оценува за неприфатливо и во спротивност со меѓународните конвенции за националните малцинства.

(8) Се бараат измени на законот за територијалната организација на локалната самоуправа на Република Албанија: од македонските општини Стеблево, Требиште и Острени да се формира една македонска општина Голо Брдо, а од македонските општини Шиштавец и Запот да се формира една македонска општина Гора.

(9) Се смета дека укинувањето на македонските општини во Голо Брдо и Гора, освен општина Пустец, ќе влијае негативно врз положбата и правата на Македонската заедница во Република Албанија во целина, бидејќи ги ограничува правата и слободите на Македонците.

(10) Непризнавањето на Македонците надвор од областа Мала Преспа од страна на Владата на Република Албанија претставува дискриминација и асимилација на Македонците на целата територија на Република Албанија.

(11) Целосно се поддржуваат барањата на Македонската заедница и на Македонската партија во Албанија за изменување и дополнување на Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Албанија.

(12) Се поттикнуваат владите во Скопје и Тирана на декларација за историско македонско-албанско помирување и Договор за траен мир и добрососедство меѓу Република Македонија и Република Албанија за сите прашања од заеднички интерес, но на рамноправни основи, со взаемно почитување и врз принципите на реципроцитет. Прашањата за кои има разлики не мора да бидат предмет на договор и тоа не смее да биде пречка за уредување и унапредување на меѓусебните македонско-албански односи.

(13) Ќе се усвои посебен Меморандум за македонско-албанските односи и за Албанската заедница во Република Македонија.

(14) Оваа Резолуција влегува во сила со нејзиното донесување.

(15) Оваа Резолуција ќе се достави до претседателите, парламентите и владите на Република Македонија и Република Албанија. (Македониум)