Делегација на Македонска алијанса на средба со ОБСЕ

Делегацијата на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), во состав Едмонд Темелко, претседател, Васил Стерјовски, генерален секретар, Аднан Ќејвани, подпреседател и Дине Муча член од Комитетот на партијата за Тирана, во Тирана, остварија средба со политичките советници на Високиот комесар на ОБСЕ за националните малцинства.

На средбата се разговараше за положбата и правата на Македонците во Албанија. Притоа претставниците на Македонците информираа за недостатокот на учебници на македонски јазик во општина Пустец каде официјално се признава македонското малцинство во Албанија.Тие, исто така, се пожалите и за неможноста за изучување на македонскиот јазик на македонските деца надвор од Мала Преспа како на пример, во областите Гора и Голо Брдо и во градовите.
На средбата станало збор и за новата територијална поделба од која најмногу се загрижени Македонците во Албанија. Делегацијата на МАЕИ ги информираше политичките советници на ОБСЕ дека според сите пет варијанти за новата територијалната поделба единствено општина Пустец не се укинува додека македонските општини во Голо Брдо и Гора предвидено е да се припојат со општини со мнозинско албанско население што би значело еден процес на асимилација на македонската заедница.

Политичките советници на Високиот Комесар на ОБСЕ за националните малцинства се заблагодариле за средбата и изјавиле дека за сето ова ќе биде информирана Астрид Торс, Висок комесар на ОБСЕ за националните малцинства која на крајот од јуни ке пристигни во Албанија и ќе оствари средба со македонското и другите малцинства. (Македониум)