На седницата на Меѓународниот комитет на УНЕСКО која се одржува во Јончопинг, Шведска една од точките беше и прогласувањето на Охрид- Преспа за прекуграничен Биосферен резерват под УНЕСКО. Прогласување беше едногласно од страна на членките на Комитетот.
Дејан Пановски, македонскиот претставник во Билатералниот секретаријат за Охридско Езеро што е еден од носителите на иницјативата, по повод одлуката на УНЕСКО истакна дека таа претставува признание на посветеноста и на вредностите, одличен импулс за засилена туристичка промоција и со тоа поголема економска добивка на регионот.
– Создавањето биосферен резерват е сублимат на сите постојни заштитени појаси во регионот и новиот статус треба да го засили интересот во светот за нашиот регион како од еколошки, така и од инвестициски аспект. Луѓето и биосферата се едно тело преку одржливиот развој, а биосферниот резерват е огромна инвестиција за иднината на Охрид и Преспа, истакна тој.
Носители на номинацијата за прогласување на Охрид-Преспа за биосферен резерват беа Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро поддржан од МАБ комитетите, министерствата за животна средина и Националните комисии на УНЕСКО на Македонија и Албанија.
Создавањето таков резерват за сливот на Охридското Езеро, во кој е вклучен и регионот на Преспа, е иницијатива на Билатералниот секретаријат за Охридскиот слив, а дел од Договорот за заштита на Охридското Езеро што заеднички го реализираа Македонија и Албанија.
Таканаречените „биосферни резервати“ се подрачја во кои човековите активности се насочени кон одржливо искористување на природните ресурси и обезбедување соодветни услови за луѓето да живеат во хармонија со фауната и флората. УНЕСКО ги признава биосферните резервати како подрачја истакнати по својата единственост во светски рамки. (Македониум)