Игли Тотозани, народен правобранител на Албанија, денеска ја посети општина Пустец каде оствари средба со градоначалникот Едмонд Темелко, Лазо Стојани, претседател на Советот на општина Пустец и Васил Стерјовски од Македонска алијанса за европска интеграција.
На средбата како што пренесува весник Македониум, станало збор за проблемите со кој се соочува македонската заедница во Албанија, пред се недостатокот на учебници на македонски јазик во училиштата во општина Пустец, неможноста за изучување на македонскиот јазик надвор од Мала Преспа, во другите делови на Албанија каде што живеат Македонците, бришењето на националноста од регистрите од матичната евиденција, отпуштање од работа на десетици Македонци од неколку институции и претпријатија во Корча и ред други проблеми. Посебно станало збор и за територијалната реформа.
Тотозани од негова страна истакна дека народниот правобранител е независна институција чија главна цел е заштита на сите граѓани на Албанија без разлика на нивната етничка припадност и дека сите проблеми со кој се соочува Македонската заедница во Албанија ќе бидат вметнати во извештајот што народниот правобранител го спрема за положбата на малцинствата и кој ќе биде доставен до албанскиот парламент на разгледување, додека сите Македонци кои се отпуштени од работа последниот период, да достават жалби до народниот правобранител за да се постапи по нив.
Исто така, Тотозани истакна дека добил гаранци од министерот за локална самоуправа на Албанија, Бленди Чучи дека со територијалната реформа, општина Пустец нема да се укинува.
Пртеходно народниот правобранител, Игли Тотозани присуствуваше во Поградец на отворањето на регионалната канцеларија на народниот правобранител за округот на Корча. (Македониум)