“ПТИЦИТЕ ПРЕСЕЛНИЦИ” ЛИЛИ И СТИВ ПЛИАКЕС ОД МАРКАМ

Меѓу бројните Македонци од Канада и северните делови на САД кои во текот на есента и зимата се преселуваат во Флорида се и Лили и Стив Плиакес, познати и признати во бизнисот и во македонските комуни во дијаспората

Флорида е една од најинтересните простори на земјината топка со својата географска полозба, клима и посебност од секаков вид. Мислиш дека по должината на брегот на океанот се наоѓа еден град чија големина е непрегледна илјадници километриц од Џонсонвил до Мајами. Затоа често се вели дека богатите Американци не случајно ја одбрале Флорида, каде голем број од нив живеат претежно во есен и зима. Затоа, со право нив ги викаат “птици преселници” “snow birds”, кои се шетаат по убавите, многу интересни и по многу нешта карактеристични простори, за кои за да се видат се потребни големи желби, многу напор и време.

Инаку, Флорида е сојузна држава на САД, на полуостровот Флорида, помеѓу Атлантскиот Океан и Мексиканскиот Голф, чиј главен град е Телахаси. Но се чини Мајами е најзначајниот град, како и градовите Џексонвил, Темпа и прочуените светски плажи – Мајами Бич, Палма Бич и Дејтона Бич. Флорида е пространа рамница со песочни брегови и суптропска клима, со многу благи зими и жески лета. Има голем број мочуриста, езера и бројни острови.

Поради многу добрата геостратешка положба, Мајами и околните населени места, вклучително и комуната Авентура  се важна сообраќајна раскрсница и  место на богаташи. Таму се наоѓа и градот Форт Лодердел кој е најголемото пристаниште на американските јахти и со најбогати куќи на тој дел од Флорида, а можеби и во светот. На тие простори живеат нашите пријатели Лили и Стив Плиакес, кои ни искажаа македонско гостопримство, пред се, со топлина и љубов, а потоа со удобност во нивниот богат апартман на брегот на Атлантскиот Океан, во близина на познатата плажа Холивуд, на север од Мајами Бич, во живописниот предел на Авентура.

Зградата во комуната Авентура, на Mistic Point Drive го носи бројот 500, во која на 22 кат е сместен нивниот убав американско-канадско-македонски апартман. Зградата е со многу интересна архитектура, ентериер и внатрешен изглед и со сите потребни простории за одмор, удобно живеенје и рекреација. Таа е зграда каде претежно живеат Евреи од САД и Канада и, покрај Лили и Стив уште едно македонско семејство.

На тие простори можат да се видат десетици повекекатни згради, распослани покрај Океанот и внатрешноста, кои се значајни сами за себе и  прават една богата облакодерска целина. Се чувствува дека брегот дише многу потопло и поубаво и за очи и за душа од каде било друго место во светот.

Да се види Флорида, во исто време значи човек да се запознае со вистините кои се видени на филмското платно, преку малиот екран, во фантазиите, мечтите… Затоа со право Еврејте, кои ги запознавме кај базенот и џекузите во дворот на зградата каде живеат нашите пријатели Лили и Стив Плиакес, велат дека Авентура е вистинското место за живеење и рекреација. Со своите трговски центри, места за рекреација, со културниот центар и синагогата, со прекрасните океанските плажи и многуте заливи за паркирање на богатите јахти, Авентура станало многу популарно место на богаташите од север на Сад и од Канада кои привремено или за стално се населиле во Флорида.

Нашите  пријатели Лили и Стив Плиакес кои во летниот период живеат во Маркам или патуваат за Македонија и на многу места ширум светот, се едни од Македонците кои се населиле како ластовички од Канада во Флорида. Но, во Канада тие се едни од најактивните во македонската заедница во Торонто. Меѓу другото, Стив Плиакес, кој потекнува од селото Зелениче, Леринско бил претседател на организацијата “Обединети Македонци” и еден од најактивните во текот на одржувањето на Средбата на децата бегалци во 1988 година во Република Македонија. Тој бил и претседател на македонската православна црква Св. Климент Охридски во Торонто. Стив Плиакес е Македонецот кој прв отиде во посета на Хунзите во Пакистан да ги открие и да остави вечна трага кај едни од потомците на Александар Македонски во големата Македонска Империја. Исто така тој беше еден од спонзорите на олимпијците од Македонија на Олимписките игри во Атина и во Пекинг, каде го носеше македонското знаме и, покрај спортистите беше најгордиот од сите горди Македонци во светот.

Лили Плиакес, животниот сопатник на Стив, пак, е родена во селото Желево, Леринско, која со неполни две години го напушти родното огниште И патиштата ја однеле во Полска, а потоа дошла во Канада. Таа со своите активности во женските секции на македонските православни цркви во Канада и Флорида и други асоцијации е позната и призната Македонка. Лили, заедно со Стив, меѓу другото, се донатори на инструмент за дијализа во болницата во Скопје, финансиски поддржувачи на голем број активности на Македонците во Канада и САД, како и на македонски православни цркви, друштва и различни македонски асоцијации во Македонија, во Беломорието, во Пирин, во Албанија и други места ширум светот каде живеат Македонци.

Исто така, Стив, Лили Плиакес и нивното семејство со своите бизниси играат значајна улога во канадското општество. Меѓутоа, се чини дека тие особено се познати по Македонската плаза во Маркам, единствена од таков вид во македонската дијаспората.
Стив и Лили Плиакес како Канаѓани како “птици преселници “ одреден период во есен и зима поминуваат во Флорида, но, и таму го изразуваат својот хуманитарен однос и почит кон македонските православни цркви, кон македонските друштва и друг вид асоцијации во САД. Така, тие беа иницијатори на акцијата за собирање средства за македонската православна црква Св. Димитрија од Јужна Флорида, што се одржа на македонскиот пикник на 2-ри март оваа говина. На овој традиционален пикник на кој присуствуваа околу 250 посетители, покрај бизнисмените Мајкл Илич, Џорџ Атанасоски и Џон Битов, управата, членовите на црквата и други добронамерници и пријатели на Македонците, како и на традиционалниот голф турнир, се собраа околу 50.000 долари за реконструкција на црковниот објект.
Затоа, со право може да се рече дека големите Македонци Стив и Лили Плиакес имаат значајни заслуги и трајни белези во македонската дијаспора. Особено за нивниот хуманитарен однос се добитници на голем број признанија и награди, кои значат поттик и смерница за идните младите македонски генерации.
Славе Катин