Македонците во Албанија мора да го поттикнуваат секој напредок на државата во која живеат, бидејќи тоа е во интерес на евроинтеграциите, истакна претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на денешната средба со претставници на македонската заедница во Поградец
Според македонскиот претседател, битно е нивниот удел да биде позитивен, да бидат лојални граѓани на државата Албанија, потикнувачи на позитивните трендови и процеси. – Со политичката организираност стануваат субјект во политичкиот живот каде можат преку институциите да ги стекнуваат сите нивни барања и потреби. Кога имате во соседни земји малцинства на државите секојпат треба да се размислува позитивно и креативно. Да не излезе дека ние Македонците од Македонија бараме права за Македонците во Албанија, туку напротив на Балканот ни е потребно, Албанците во Македонија да се изборат за правата на Македонците во Албанија и тогаш се создава таа солидарност меѓу двете заедници и взаемна помош, користење на позитивните искуства во интерес на државите во кои живеат заедниците, рече Иванов. Смета дека е неопходна и промена на свеста на припадниците на албанската заедница во Македонија, да даваат придонес за правата на Македонците во Албанија, затоа што тоа поттикнува и меѓудржавна соработка, ги зближува двете општества. Има можност и за аплицирање за многу грантови од Европската унија кои се однесуваат на регионални проекти и фондови кои ја поттикнуваат меѓуграничната соработка, од што корист ќе имаат сите на Балканот. – На Балканот му треба големо отворање, не само инфраструктурно да се поврзува, туку и ментално, да почнат луѓето да мислат позитивно и да ги гледаат сите иницијативи во подобрување на состојбите и на државите и на припадниците на заедниците, нагласи Иванов. Македонскиот претседател очекува набрзо резултати сите иницијативи на Македонците во Албанија да бидат во корист на државата, која треба да добие и кандидатски статус, да го почне процесот на евоинтегрирање во интерес на целиот регион. Главен проблем на македонската заедница во Албанија, како што беше посочено на средба со Иванов, е образованието на мајчин јазик и вработувањето и македонската заедница подржува потпишување на заеднишки договор помеѓу Република Албанија и Република Македонија за реципрочна заштита на македонската заедница во Албанија и албанската заедница во Македонија. Исто така, преставниците на македонската заедница побараа отварање на македонски конзулат во Корча. Средбата на претседателот Ѓорге Иванов со припадници на македонската заедница од Поградец се реализира на нивна иницијатива, а е договорена при неговата последна посета на Албанија. (Македониум)