Николас Леврат, специјален известувач на ОН: Во регионот постојат силни сили кои сакаат да го негираат македонскиот идентитет

Специјалниот известувач на Обединетите нации за прашањата на малцинствата, Николас Леврат, во одговор на обраќањето на Васил Стерјовски во Женева, призна дека во регионот постојат силни сили кои се обидуваат да го негираат македонскиот идентитет. Тој посочи и на различните стандарди во Европската Унија во однос на заштитата на националните малцинства.

Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, за време на учеството на меѓународниот состанок со претставници на националните малцинства од целиот свет, организиран од Специјалниот известувач на Обединетите нации за прашањата на малцинствата, Николас Леврат, во седиштето на ОН во Женева, ја покрена состојбата и предизвиците со кои се соочува македонското национално малцинство во Албанија.

Во своето обраќање, Стерјовски укажа на политичкиот притисок што, според него, Бугарија го врши врз Албанија користејќи го своето членство во Европската Унија и влијанието во процесот на европска интеграција, со цел да ги промовира тврдењата дека Македонците во Албанија се Бугари.

„Неприфатливо е европските аспирации на Албанија да се користат како предност за притисок врз земјата да прифати политики што придонесуваат за асимилација на македонското малцинство. Македонците во Албанија не смеат да станат колатерална штета во процесот на европска интеграција на Албанија“, истакна Стерјовски.

Тој посочи и на обидите за промовирање бугарски идентитет меѓу припадниците на македонската заедница преку политичко влијание, финансиски поттици и институционален притисок, нагласувајќи дека македонското малцинство се соочува и со проблеми во остварувањето на правата за образование на мајчин јазик, институционална поддршка за зачувување на јазикот и културата, политичка застапеност и економски развој на областите во кои живее.

Во одговор на изнесените забелешки, Николас Леврат посочи дека македонското прашање е сложено и дека во регионот постојат сили кои се обидуваат да го негираат македонскиот идентитет.

„Природно, македонското прашање е сложено. Како што знаете, тоа се однесува дури и на името на земјата. Според тоа, сосема е јасно дека во регионот постојат силни сили кои сакаат да го негираат секој македонски идентитет како таков“, изјави Леврат.

Николас Леврат и Васил Стерјовски

Осврнувајќи се на процесот на европска интеграција и заштитата на националните малцинства, Леврат потсети дека почитувањето на малцинските права е дел од Копенхашките критериуми за членство во Европската Унија. Притоа, тој укажа на разликите во пристапот кон ова прашање во рамките на самата Унија.

„Земјите-членки што ѝ пристапија на Европската унија по 2000 година имаа сосема јасна обврска за соодветна заштита на малцинствата. Од друга страна, некои земји-членки на ЕУ понекогаш дури и го негираат самиот концепт на заштита на малцинствата. Според тоа, во рамките на ЕУ постојат, на некој начин, различни стандарди кога станува збор за земјите-членки и заштитата на малцинствата“, истакна специјалниот известувач на ОН.

Леврат додаде дека досегашниот пристап кон заштитата на малцинствата главно бил насочен кон општата заштита на малцинските права, без прецизно навлегување во прашањето за дефинирањето и утврдувањето на идентитетот на едно малцинство.

Во однос на состојбите во регионот, тој посочи дека ситуацијата ја следат Советот на Европа и ОБСЕ, но дека засега нема конкретен правец во кој би се развивале понатамошните активности.

„Сепак, внимателно ја следам ситуацијата“, нагласи Леврат, објаснувајќи дека, со оглед на ограничените ресурси на неговиот мандат и постоењето на европски механизми за следење на малцинските права, смета дека нема потреба од дуплирање на веќе воспоставените процеси.

Учеството на претседателот на МАЕИ на овој меѓународен состанок претставуваше можност пред Обединетите нации директно да бидат презентирани прашањата поврзани со положбата, идентитетот и правата на Македонците во Албанија.

https://youtube.com/shorts/u12uieT1Xu8?feature=share