ЖАЛНА ВЕСТ: ВАСИЛ ЈАНКУЛА 1991-2024

На 33-годишна возраст, по долго боледување, денес во Ресен почина Преспанскиот херој – Васил Јанкула. Поради висока температура, на осум месечна возраст се здобил со церебрална парализа која влијае на целото тело, на главата, на рацете и на двете нозе, без ментална ретардација, меѓутоа со говорна попреченост. Но, и покрај се’, крациномот од 2020 година го совлада.

Васил Јанкула е роден на 7 јуни 1991 година по потекло од село Туминец, општина Пустец, областа Мала Преспа во Албанија, како најголем во семејството со три машки деца. Четири години од основното образование завршил во Туминец, а средно образование во Ресен.

Како лице со посебни потреби, но неуморен борец, цел живот беше решителен да се избори за статус еднаков меѓу еднаквите и рамноправен со рамноправните.

Васил Јанкула својот живот го посвети на зајакнување на условите за живот и работа на лицата со посебни потреби. Прифаќајќи го мотото “Сите сме исти“, тој презеде бројни иницијативи да покаже дека хендикепот никогаш не треба да биде пречка за остварување на соништата.

Васил Јанкула организираше бројни акции за собирање на средства и поддршка на деца со посебни потреби, а учествуваше и во бројни настани за подигање на свеста за лицата со попреченост.

Васил Јанкула во 2019 година под мотото “Сите сме исти” со трицикл направи кружна тура од 800 километри околу државата. Канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) на социјалните мрежи објави видео од пристигнувањето на 28-годишниот Јанкула во Ресен со текст: “Тој успеа! Од 10 мај, за 8 дена, извози 800 километри преку Битола, Прилеп, Градско, Велес, Скопје, Тетово, Гостивар, Маврово, Дебар, Струга, Охрид и преку Галичица се врати дома во Ресен, за да ја смени перцепцијата за неговата состојба: церебрална парализа. Денес е пречекан од неговите сограѓани како херој. Сите сме горди на тебе!“

Во февруари 2019 година, во организација на Здружението на граѓани со параплегија и квадриплегија “Без ограничувања”, Васил Јанкула беше дел од групата лица со попреченост кои во рамките на првата сет-ски школа на Маврово, за обука на тренери за скијање. За првпат на оваа ски-школа учество зедоа и лица со попреченост – скијаа во посебни седишта.

На 4 мај 2019 година Васил Јанкула извози 42 км и на Скопскиот маратон.

Во 2019 година со трицикл успеа да извози 3.000 километри за само 3 месеци.

– Велосипедизмот е мојот втор живот, мојата преродба која ме прави среќен и ми создава голем адреналин, како и желба за нови и невозможни предизвици. Покрај болеста, сепак јас сум позитивен и не дозволувам негативните мисли да ме победат. Благодарение на мојот ентузијазам во 2018 година одлучив поактивно да спортувам и почнав да возам трицикл на различни настани и маратони, под едно мото “Сите сме исти“. Одлучив да направам еден подвиг и со мојот трицикл да ја поминам Македонија. Успеав да ја реализирам зацртаната маршрута и така станав познат како преспански херој, – изјави Васил Јанкула на 30 септември 2020 година.

Беше вработен во општина Ресен.

Васил Јанкула беше активен и ценет член на Централниот комитет на единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција. Неговиот ангажман во различни области беше пример за многумина.

Со своето благородие и хуманизам, Васил Јанкула остави неизбришливи траги во срцата на многумина.

“Најголема желба ми е да си створам семејство“ – тоа беше најголемата неисполнета желба на Васил Јанкула.

Поради неуспешно медикаментозно лекување, а со потреба од итни операции, Васил Јанкула на 26 август 2020 година упати јавна молба до јавноста за донации. Не ги собра потребните средства, да ги отстрани или ублажи деформациите и болките на телото, но подлегна на карциномот.

И после се’, Боже на духовите и на секое тело, успокој ја душата на починатото твое чедо и наш брат во Господа Васил Јанкула, прости му ги прегрешенијата волни и неволни, направени со збор, со дело или со помисла, и како Благ и Човекољубив, насели ја неговата душа во место светло, место блажено, место мирно, место каде што почиваат праведниците, место каде што нема ни жал, ни воздишка, но живот Бесконечен… Ќе го посетуваме неговото вечно почивалиште, но знаеме дека неговото дело и мисла ќе не прогонуваат: Сите сме исти!

Бог да го прости и вечнаја памјат.