БИЗНИС ФОРУМ МАКЕДОНИЈА – АЛБАНИЈА

Конкретизација на заложбите на владите на Македонија и Албанија за развој на економските релации помеѓу двете земји преку директно таргетирање на секторите во кои постои потенцијал за продлабочување на соработката – туризам, храна, вино и агробизнис е целта на првиот „Македонско-албански форум за бизнис и инвестиции“ што се одржа на 22 мај 2013 година во Тирана.

Значајно е да се истакне дека сите учесници на форумот имаа можност бесплатно да ги изложат своите производи на сопствен штанд, поради што учество зедоа повеќе од педесетина македонски компании од туристичкиот сектор, прехранбената индустрија и од агробизнисот.

Организацијата на овој форум се совпаѓа со периодот кога во полн ек е реализацијата на кампањата „Macedonia Timeless“, организирана од страна на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, во рамки на која во период од еден месец се врши промоција на туристичките потенцијали на Република Македонија на повеќе од 200 билборди како и во најголемите телевизиски и пишани медиуми во Албанија.

Во рамки на форумот за бизнис и инвестиции, беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија и Албанската агенција за развој и инвестиции, што треба да даде уште еден импулс за дополнителна соработка и промоција на извозот. (Македониум)