ПОЧИНА ГОЛЕМИОТ МАКЕДОНСКИ ПАТРИОТ СТОЈАН ГЕОРГИЕВ

Синоќа, на 5 јули 2023 година, на 85 години, почина големиот Македонец и страдалник Стојан Николов Георгиев – Томовичин.

Стојан Николов Георгиев – Томовичин е роден на 18 март 1938 година во Петрич, Пиринскиот дел на Македонија.

Стојан Георгиев потекнува од бунтовничко македонско семејство. Неговиот дедо од мајчина страна цели пет години поминал во затворот “Еди куле“ како борец за ослободување на Македонија од Османлиското ропство. И други негови предци се бореле и умирале за слободата на македонскиот народ.

Уште како ученик започнува неговата борба на правата на Македонците, поради што доаѓа во судир со бугарската власт за јавно искажан став за постоење на Македонците како посебен народ од Бугарите. На 18 години, со незавршено средно образование, формира македонска група. Полицијата го открива, бил затворен 18 дена во ќелиите на службата за државна безбедност, сепак бил ослободен да го заврши своето образование.

Во 1957 година ја формира втора македонска група и повторно е откриен. Одлежал 114 дена под истрага со физичко мачење.

Поради македонските работи, во 1958 година Стојан Николов Георгиев е осуден на 4 години затвор во Стара Загора.
Во 1973 година повторно е осуден на 4 години казна затвор.

Во 1990 година бил еден од основачите на Обединетата македонска организација ОМО ИЛИНДЕН и единствен претседател пред нејзината поделба.

Автор е на две книги во кои се опишува неговиот живот, борба и страдања.

Во 1998 година се вклучил во ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН и наскоро бил избран за почесен претседател до неговата смрт.
Во 2006-2007 били член на Централниот совет на партијата, а во 2007-2010 година и нејзин копретседател.

Активно учествува во борбата на Македонците во Бугарија за нивните права и слободи. Наспроти сите закани и притисоци во Бугарија, учествува на разни меѓународни средби на кои го брани правото на Македонците да се стекнат со своите национални права.

На 25 јуни годинава оствари средба со докторанти и студенти од Швајцарија, на кои им зборувал за својот живот и страдања. Го очекуваше интервју на голема телевизија, учество на научна конференција во Крушево, да раскаже за својот живот. Беше полн со желба за живот и борба до последниот ден!

Со одлука на Генералното собрание на Светскиот Македонски Конгрес, Стојан Николов Георгиев – Томовичин беше носител на највисокото семакедонско признание – почесната титула Македонски сенатор.

И покрај големите страдања никогаш не се претвори во гневен, одмаздољубив човек, до крај го зачува својот ведар и позитивен дух.

©Македониум