АКАДЕМИЈА ПОСВЕТЕНА НА 75 ГОДИШНИНАТА ОД ЕГЗОДУСОТ НА МАКЕДОНЦИТЕ ОД ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА

Со Академија која се одржа во Македонската академија на науките и уметностите, здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија и Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, ја одбележа 75 годишнината од егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.

Одбележувањето со академијата во МАНУ беше во рамките на Шестата светска средба на децата бегалци и насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија која се одржува преку целата 2023 година на сите настани што ги организираат сите здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

После интонирањето на македонската национална химна “Денес над Македонија“ во исполнение на оперскиот пејач Кристијан Антовски, присутните со едноминутно молчење им оддадоа почит на жртвите од Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година и на сите убиени и упокоени насилно прогонети Македонци од Егејскиот дел на Македонија.

На академијата во МАНУ реферат поднесе проф.д-р Тодор Чепреганов, а поздравни говори одржаа претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија Александар Јаневски, почесниот претседател на Шестата светска средба Ташко Јованов, претседател на единствената Македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција Васил Стерјовски, претставникот на ОМО ИЛИНДЕН од Пиринскиот дел на Македонија Кирил Иванов, и претседателката на Македонското здружение “Кочо Рацин“ од Белград, Србија Лидија Демниева.

До Академијата пристигнаа поздравни телеграми од македонските заедници и здруженија од Австралија, Канада, Соединетите Американски Држави, западно-европските и источно-европските земји, Руската Федерација, легендарниот Андон Дончевски и Џемс Петрески од Австралија, од сите здруженија на децата бегалци во светот и од сите комитети за македонските човекови права, од Светскиот Македонски Конгрес Австралија, Светскиот Македонски Конгрес Канада, Обединети Македонци од Канада, Меѓународното движење за човекови права на Македонците од Канада и Сојузот на Македонците со исламска религија.

Поздравни телеграми до академијата упатија и претседателот на МАНУ проф.д-р Љупчо Коцарев, и почесните претседатели на Шестата светска средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија Неговото високопреподобие архимандрит Никодим Царкњас и доктор Лефтер Манче од Канада.

Во поздравната телеграма до академијата од архимандритот Никодим Царкњас кој од здравствени причини го откажа присуството, се вели: Упатуваме искрени поздрави до Македонците во целиот свет и до насилно прогонетите Македонците од Егејскиот дел на Македонија на Шестата светска средба на децата бегалци, од Движењето за промоција на македонскиот мајчин јазик Крсте Мисирков, претседател Никодим Царкњас.

Академик проф.д-р Љупчо Коцарев упати искрени поздрави за одржувањето на Академијава со сочувство за последиците од егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.


©Македониум