Конституиран Советот на општина Пустец, Колефски официјално го почна вториот мандат

На свечена седница е конституиран новиот Совет на општина Пустец, кој произлезе од изборите спроведени на 14 април.

За претседател на Советот беше избран Наум Дамо, вработен во единицата на Електродистрибуција во Пустец, од редовите на Социјалистичката партија.

Одлучено беше за претставник на општина Пустец во Советот на округот Корча да биде советникот Таќо Гроздани, инаку генерален секретар на Македонска алијанса за европска интеграција-МАЕИ, кој беше носител на кандидатската листа на партијата на изборите.

На седницата присустуваше и старо новиот градоначалник, Пали Колефски(43), кој и официјално го почна вториот мандат.

– Посакувам успешна работа на Советот, ветувам добра соработка и донесување едногласни одлуки, без оглед на партиската припадност, сето тоа, во интерес на жителите на нашата општина. Продолжуваме со макотрпна работа, продолжуваме да работиме за општина Пустец да стане уште подобро место за живеење, рече Колефски, кој беше кандидат на Социјалистичката партија, поддржан од МАЕИ.

На свеченоста присуствуваа Нертил Јоле, префект на округот Корча, каде територијално потпаѓа општина Пустец, Ана Веруши претседателка на Советот на округот Корча и Васил Стерјовски, лидер на Македонска алијанса за европска интеграција-МАЕИ.

Тие им посакаа успешна работа во интерес на сите жители на оваа општина, која има девет населени места, распослани на брегот на Преспанско Езеро, во кои живеат околу пет илјади Македонци.

©Македониум