МАНАСТИРОТ “СВЕТА МАРЕНА” И ПЕШТЕРСКАТА ЦРКВА “ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА” ДО ТУМИНЕЦ

До манастирот “Света Марена” до село Туминец, општина Пустец, областа Мала Преспа, Албанија, се наоѓа Пештерската црква “Пресвета Богородица”. Вреди да се види, човек да ужива во мирот и природата на брегот на Преспанското езеро во Албанија. Сигурно е стара пет века, ако не и повеќе. Своевремено испосници монаси овде тихувале и се молеле на Бога, зографирале пештерески цркви во кои живееле.

Вакви пештерски цркви има десетици и по брегот на Преспанското езеро и по брегот на Охридското езеро.

Во влезот на пештерската црква “Пресвета Богородица” се наоѓа фреската на Свети Александар, единствена фреска, таква икона на друго место во светот не постои, со фараонска круна на главата на светецот. Најверојатно фрескописецот цртајќи го Светецот Александар мислел на Александар Трети Македонски како фараон на Египет. На градите на светецот има четири пафти со двоглавиот орел, лавот, сонцето и македонскиот симбол на вечноста.

На карпата пред пештерската црква пред триесет години ја имаше во извонредна состојба, сигурно од времето е поместена и одронета, природата ја нацртала огромна слика на Мајка Богородица со Исус в раце, видно препознатлива со боите на карпите, како Богородица Туминечка, која се гледа само од чамец во езерото на достојна далечина.

Мирот и убавините во овој крај се незаборавни. При прва наредна прилика посетете го манастирот “Света Марена“ и до него пештерската црква “Пресвета Богородица“. Нема да зажалите. Ќе ве одведат до нив со чамци мештаните од селото Туминец. Пеш од село Туминец до манастирот не е повеќе од 30 минути, уште 15 минути е пеш од манстирот до пештерската црква покрај брегот на Преспанското езеро.

Во некој од рестораните во Мала Преспа ќе ве услужат со прекрасна тава со уште повкусен преспански крап. Знаат да го зготват со мерак и вкус.

Може да го посетите и островот Мал Град со пештерска црква “Света Богородица“ која е реставрирана и претставува реткост, македонската црква “Свети Архангел Михаил“ сред село Пустец, една од најубавите цркви во Албанија по проект на Тодор Паскали од Охрид, финансирана од Владата на Македонија, а во село Глобочани може да го посетите Музејот на писателот Стерјо Спасе…

Посетете ја Мала Преспа и одмарајте со Македонците во овој дел од Македонија под Албанија.

Тодор ПЕТРОВ