САКАМ НЕБОТО ДА ГО ПРАШАМ

САКАМ НЕБОТО ДА ГО ПРАШАМ

Сакам небото да го прашам,
што бараат солзите во моите очи?
Сакам да го прашам,
зошто рацеве ми се празни?
Сакам да го прашам,
зошто болка ми праќа?
Сакам да го прашам,
зошто клетва фрли на нас?
Сакам да го прашам,
зошто ме зеде од прегратките
на мојата татковина?
Сакам да го прашам,
зошто Македонците се разделија
и никогаш не се вратија?
Сакам да ми одговори,
а потоа тивко да почивам.

НА РИДОТ СТОЈАМ

На ридот стојам
и куќите ги бројам.
Куќите на моето село
потонато во беда цело.

На ридот седам
и Преспа ја гледам.
Мојата убава Преспа
сеуште непеана песна.

ЖИВОТОТ НА ЧОВЕКОТ

Седам и се прашувам:
-Зошто се раѓа човекот?…
За да исполне една желба?…
За во маки да му помине векот?…

Човекот е како цвет
во пролетта рано што цвета,
А бргу се суши од жед
за две капки вода. Ах, штета!…

Човекот е како мравка
во водите која се дави,
На брегот да излезе сака
Но прав и пепел се прави.

ТАЖЕН

Тажен сум, бескрајно тажен,
тука во пуста туѓина.
Дење, ноќе се на неа мислам,
на мојата мила татковина.


Панде СОТИРОВСКИ
Пустец