Преспа ќе се развива со 18 милиони евра од Европската Унија

Преспа како уникатен екосистем со подеднакво уникатна геополитичка позиција која обединува три држави на југот на Балканот добива европски фонд тежок 18 милиони евра. Програмата ЕУ за Преспа е наменета за развој на инфраструктурата, заштита на човековата околина и богатиот биодиверзитет, земјоделието, туризмот и соработката на населението од трите држави Македонија, Албанија и Грција кои ги делат водите на преспанското езеро.

„ЕУ наскоро ќе ја зголеми финансиската помош во рамки на програмата на ЕУ за Преспа, главно таа ќе опфаќа неколку активности кои сметаме дека ќе започнат многу скоро. Овие активности опфаќаат отворање на границата и градежни работи за отворање на границата со Р. Грција како и прочистителни станици за отпадните води и менаџирање со цврстиот отпад, како и други активности кои ЕУ ќе ги преземе за промоција на туризмот и животната средина како и помош за разни бизниси кои се активни во овој регион“, изјави амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир при неовата вчерашна посета на регионот.

При посетата на општината Ресен, амбасадорот Гиро оствари и средба со граѓани и претставници на невладиниот сектор во овој регион.

На средбата амбасадорот Гир ги информираше граѓаните за потенцијалите на овој фонд нагласувајќи дека успехот на нивната реализација зависи од иницијативноста на самите жители на Преспа. Амбасадорот Гир исто така потенцираше дека една од главните цели на програмата ЕУ за Преспа е да обезбеди работни месат кои ќе ги задржат младите во тој регион без кои тешко би можела да се замисли неговата перспектива.

Според планот за реализација на средствата кон средината на 2023 би требало да отпочнат активностите за изградба на инфраструктурните проекти како канализациска мрежа и пречистителни станици. Паралелно како беше речено ќе се интензивираат работите за отворање на граничниот премин Маркова нога меѓу Македонија и Грција.

©Македониум