Селото Глобочени во Општина Пустец центар на културната соработка меѓу Албанија, Македонија и Хрватска

Македонците во Албанија, во Спомен – музејот “Стерјо Спасе” во село Глобочени, Општина Пустец, организираа и спроведоа богата со содржини прослава на 24 мај, Денот на македонските и сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

Импозантниот Научен собир, беше во соорганизација на Македонското друштво “Сонце”, од Албанија, Универзитетот “Фан Ноли” од Корча, Албанија и Друштвото за литература и култура “Мацково” од Охрид, Македонија.

Пред паметникот на големиот писател, етнички Македонец, Стерјо Спасе, како и во Спомен – музејот “Стерјо Спасе”, се одржаа низа промоции на книги и поетски читања.

Централен дел беше промоцијата на капиталното дело “Хармониска интеграција на македонското малцинство во Република Албанија – Случај на македонското малцинство во областа Преспа и Врбник” од професор д-р Мариа Дојче, истакната албанска интелектуалка.

Во Албанија, ова е прва вистинска социолошка студија за интеграција на дел од македонската заедница во албанското општество. Во овој контекст, оваа студија се фокусира на меѓусебните социо-културни влијанија меѓу Албанците и припадниците на македонската заедница во регионот на Корча.

Промотори на книгата беа проф д-р Ѓерѓи Пендавињи од Универзитетот “Фан Ноли”, Јорида Толкучи, директорка на градската библотека “Тими Митко” oд Корча, м-р Васил Стерјовски, како и самиот автор проф. д-р Мариа Дојче.

Професорот Ерис Руси од Универзитетот “Фан Ноли” зборуваше за “Современата книжевност како мост меѓу Албанија и Македонија“, додека на 4 годишнината од неговата смрт, беше одбележан поменот и споменот за животот и делото на Спасе Мазенковски.

За творештвото на Мазенкоски говореше професор д-р Катерина Тодоровска од Институтот за национална историја во Скопје која нагласи дека Мазенковски познат поет, писател, новинар и публицист, по потекло од селото Леска, Општина Пустец, а, мегу другото, го уредуваше весникот “Преспа”.

Специјален гостин на чествувањето на 24 мај, Денот на сесловенските просветители, беше познатиот хрватски поет и македонист – учесник на книжевни средби и добитник на врвни македонски признанија, Валерио Орлиќ.
Тој читаше свои стихови пред паметникот на Стерјо Спасе.

За книжевното творештво на поетот Валерио Орлиќ зборуваше претседателот на Здружението за литература и култура „Мацково“ од град Охрид, Веле Митаноски.

На собирот говореа и хрватскиот амбасадор во Албанија, Златко Крамариќ, заедно со македонскиот амбасадорот во Албанија, Данчо Марковаски како и деканот на Филолошкиот факултет при Универзитетот “Фан Ноли” од Корча, проф д-р Јонела Спахо.

На Нуачниот собир учествуваа и префект на Округот Корча, Нертил Јоле, претседателката на Советот на Округот Корча, Ана Веруши и градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски.

©Македониум

https://youtu.be/qagi_lAU5iM