Европскиот парламент ја повика ЕУ да почне преговори со Македонија и Албанија

Извештајот за 2021 година подготвен од известувачот Илхан Ќучук ја поздравува континуираната посветеност на Македонија на евроатлантската безбедносна рамка, како и целосното усогласување на земјата со надворешната и безбедносната и одбранбената политика на ЕУ како одговор на руската агресија врз Украина.

Во текстот, исто така, се нагласуваат ризиците од зголемување на економската и енергетската зависност од Кина и Русија и се изразува загриженост за ранливоста и зависноста што произлегуваат од кинеските инвестициски заеми во целиот регион.

Европратениците го повикуваат Советот да даде зелено светло за почеток на пристапните преговори на ЕУ со Македонија и Албанија, наведувајќи го исполнувањето на условите и геостратешкиот контекст на руската агресија во Украина.

„Официјалниот почеток на пристапните преговори ќе биде инвестиција во довербата во ЕУ, како и во стабилноста, просперитетот и тековните процеси на помирување во регионот на Западен Балкан“, велат европратениците од Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) кои денеска го усвоија извештајот за напредокот на Македонија за 2021 година подготвен од известувачот за Македонија, европратеникот Илхан Ќучук.

Како што соопшти Европскиот парламент, извештајот е усвоен со 66 гласа за, 4 против и 5 воздржани.

Извештајот, кој го оценува напредокот на земјата кон членството во ЕУ, го повикува Советот формално да ги отвори пристапните преговори со Албанија и Македонија, особено во геостратешки контекст на односите со Русија и нејзината агресија врз Украина.

Во текстот се повикува ЕУ критички да ги процени историски важните безбедносни импликации за стабилноста и единството на европскиот континент и Западен Балкан и да го покаже европското единство и нејзината целосна политичка посветеност на проширувањето на Унијата.

Европратениците изразуваат жалење што Советот сè уште не ги започнал долгоодложуваните пристапни преговори со Македонија и Албанија.

„Овој неуспех ги поткопува јавните ставови кон ЕУ и претставува сериозна закана за политиката на проширување во целина“, се вели во извештајот, и се нагласува дека двете земји ги исполниле условите поставени од Европскиот совет и постигнале трајни резултати.

Европратениците и честитаат на Македонија за нејзините тековни напори за зајакнување на владеењето на правото, независноста на судството и правата на малцинствата, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформите во јавната администрација и зајакнувањето на слободата на медиумите.

Извештајот ја поздравува континуираната посветеност на Македонија на евроатлантската безбедносна рамка, како и целосното усогласување на земјата со надворешната и безбедносната и одбранбената политика на ЕУ како одговор на руската агресија врз Украина.

Во текстот, исто така, се нагласуваат ризиците од зголемување на економската и енергетската зависност од Кина и Русија и се изразува загриженост за ранливоста и зависноста што произлегуваат од кинеските инвестициски заеми во целиот регион.

По гласањето во Комисијата за надворешни работи на ЕП, извештајот ќе биде ставен на пленарната седница на 18 и 19 мај.

©Македониум