Бугарија го враќа долгот кон Албанија

Проф. д-р Катерина Тодороска

Дниве сме сведоци на интензивна активност на бугарските владини претставници и нивните гласноговорници во однос на фаворизирање на Република Албанија на патот кон европското семејство.

Во таа насока многу гласно од нивна страна се говори за растурање на пакетот Македонија-Албанија, како држави чиј влез во ЕУ би се движел како заедничка патека. Според мене, ваквиот бугарски став има две цели:

1. Објаснувањата на Бугарија дека албанската држава ги исполнила сите услови за самостоен пат кон Европа се само исплаќање на долгот кој од 2017 година го има Бугарија кон Албанија.
2. Со фаворизирање на албанската држава во евроинтегративниот процес, Бугарија се надева на внесување раздор во македонската Влада и општество.

Но, секоја цел има свој корен.

Сигурно се прашувате зошто Бугарија ѝ должи на Албанија. Бидејќи секое зошто има свое затоа, еве го тоа затоа.

Во 2011 година во Албанија е направен попис на населението, на кој како Македонци се запишани само оние жители кои живеат во Преспа, но не и Македонците кои се изјасниле како Македонци во другите области каде мнозинско население се Македонци. Според тој попис, како Македонци се запишани 5.512 житела. (www.instat.gov.al/al/census/census-2011/te -dhenat-e-census-2011.aspx).

Според македонските здруженија, таа цифра е далеку од реалбата бројка на жители на Албанија кои се изјасниле како Македонци.

Според пописот од 2011 година во Албанија, покрај петте малцинства, се појавуваат и три други заедници и тоа Бошњаци, Египѓани. Вкупно, тоа се осум (8) малцински заедници.

Објавените резултати од пописот ги оспориле сите малцинства во Албанија со образложение дека албанската држава намерно го намалува реалниот број на жителите на Албанија, кои се припадници на малцинските заедници, со цел да не им ги обезбеди човековите права кои им следат според општоприфатените европски и светски документи. (DEKLERAT, Shoqatat e minortiteteve maqedonas, grek, serbo-malezez, rome dhe vlehe, 18 Dhjetor 2012. http://makedonium.net/?p=309&lang=sq)

Во декември 2014 година бил објавен Посебен извештај на Народниот правобранител на Република Албанија, во кој, покрај другото стои: „ Во овој извештај се презентираат податоците од пописот во Република Албанија од 2011 година, кои се оспорени од страна на малцинствата. Во извештајот стои дека во Република Албанија: „Според податоците добиени од овој попис за населението според жителите според етничката припадност и култура, произлегува:

Грчко малцинство 24.243 (поединци)
Македонско малцинство 5.512
Црногорско малцинство 366
Ароманско малцинство (Влах) 8,266
Ромско малцинство 8.301.“ ( Republika e Shqipërisë, Avokati I popullit, Raport i veçantë për gjendjen e të drejtave të minoriteteve në Shqipëri, Tiranë, dhjetor 2014, 11 според www.instat.gov.al/al/census/census-2011/te -dhenat-e-census-2011.aspx.) И овој Извештај се однесува на состојбата со осумте (8) малцински заедници во Албанија.

Ниту според пописот од 2011 година, како и во извештајот на Народниот правобранител од 2014 година, нема ниту збор за некакво бугарско малцинство во Албанија.

Меѓутоа, Бугарија, од позиција на членка на Европската Унија нагло почна да ги уценува политичките елити во Албанија за признавање на бугарско малцинство на територијата на Албанија. При тоа, „објект“ на бугарската пропаганда и барања станаа Македонците. Секако, бугарската Влада со години не престанува да дели големи стипендии на Македонци кои ќе се пишат Бугари, нуди бугарски пасоши со кои Македонците ќе можат да может непречено да одат и да работат во европските држави. Многу од Македонците одбиваат да бидат Бугари, но неиздржливоста на сек ојдневната состојба во нивните области, некои од нив ги натера да бараат бугарски пасош.

На 3. 10. 2017 година се одржала седница во Албанскиот парламент, на која се расправало за предлог Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија, која се одржа во албанското собрание во присуство на пратениците од Комисија за правни работи, јавна администрација и човекови права и Комисијата за надворешна политика. ( На седницата свои излагања имале и претставниците на македонското Друштво „Сонце“ и македонското Друштво „Преспа“).

Претставникот на македонското „Друштво СОНЦЕ“, Васил Стерјовски на седницата изјави: „Сакам да се задржам на тврдењето за постоењето на бугарската заедница, бидејќи тоа е директно поврзано со македонската заедница. Во Албанија нема бугарско малцинство. Ова е искривување на историјата и вистината. Во Преспа, Гора, Голоборд, каде Бугарија тврди дека има Бугари, живее само македонската заедница, официјално призната само во областа Преспа и во селото Верник, областа Девол.

Барањето на Бугарија за признавање на Бугарите во Албанија е поврзано со проектот на Голема Бугарија, кој се обидува вештачки да ја опкружува Македонија со Бугари, бидејќи не се прават напори да се создаде бугарска заедница само во Албанија, но исто така и во Гор, Косово, во северниот дел на Грција и Бугарите велат: „како може да постои македонската нација кога е опколена од сите страни со Бугари“? Ова е суштината на побарувачката и нашата заедница реагира на ова, бидејќи ние сме многу огорчени што овој предлог-закон денес се бара да биде вклучен како бугарско малцинство. Секој може убедливо да каже дали е Бугарин или не“.(Republika Shqipërisë, KUVENDI, Komisioni për Çështjet Ligjore, Administratën Publike dhe të Drejtat e Njeriut, Komisioni për Politikën e Jashtme, PROCESVERBAL, Tiranë, më 03.10.2017, ora 10:00, 24.)

На таа седница, од непознати причини, се појавиле претставници на т.н. бугарско малцинство во лицето на , а покрај нивниот претставник Алибеј беше присутен и претставник на бугарскиот амбасадор во Албанија,
На исказот на Алибеј за постоење на бугарско малцинство во Албанија одговори министерот за надворешни работи Димрат Бушати кој рече дека „… од ’45 година кога пописот беше спроведен за прв пат до 2011 година, што е последен попис, нема идентификувано други малцинства, освен малцинствата наведени во овој закон, односно 8 малцинства“.(Republika Shqipërisë, KUVENDI, Komisioni për Çështjet Ligjore, Administratën Publike dhe të Drejtat e Njeriut, Komisioni për Politikën e Jashtme, PROCESVERBAL, Tiranë, më 03.10.2017.) Тука, Бушати реферира на грчко, македонско, србо-црногорско, ароманско, ромско малцинство и малцинските заедници на Бошњаци, Египѓани.

Веднаш потоа беше на активирана целокупната бугарска политичка артилерија за внесување на бугарско малцинство во Албанија. При тоа, дури беше јавно искажана уцената на бугарската Влада дека ќе стави вето на албанските аспирации за влез во Европската Унија доколку не се внесе бугарско малцинство во новиот Закон за малцинства на Република Албанија. За жал, уцените имаа успех и истиот министер Бушати, го смени своето мислење за непостоење на бугарско малцинство во Албанија, при што го смени и својот став во однос на непостоењето на Бугари во Албанија, туку го смени и својот речник во однос на Македонците, кои почна да ги нарекува Славо-Македонци.

Радувајќи се на успехот на бугарските уцени кон Албанија, бугарскиот премиер, Бојко Борисов, на својот твитер налог, го прослави ,,историскиот момент“, објавувајќи дека по ,, 104 години Република Албанија ги призна Бугарите како етничко малцинство“.(https://ako.mk/. Бојко Борисов смета дека признавањето на бугарско малцинство во Албанија е ,,историски момент“, октомври 14, 2017).

Потоа, притисокот врз Македонците продолжи со поголем интензитет. А делењето на стипендии и други поволности за Македонците да се пишуваат Бугари, енормно се зголемија. Не помалку се зголемуваа и „добротворите“ со бугарски „донации“ за Македонците во Албанија.

На тој начин, во Албанија се измисли бугарско малцинство, додека Европската Унија, чија членка е Бугарија ниту изреагира да ги заштити албанските власти од бугарските уцени, ниту ја „прекори“ Бугарија за мешање во внатрешните работи на Албанија. Така што, демократските вредности за кои наводно се залага Европската Унија паднаа во вода и се покажаа како алатка за денационализација на одредени граѓани под превезот на европеизацијата на државите во кои тие живеат.

Втората цел на Бугарија има реална основа, особено ако се имаат предвид послените случувања со креирањето на „стабилно“ парламентарно мнозинство во македонското Собрание. Во јавноста наголемо беше пренесено дека „Вчера во Тирана, во главниот град на Албанија, лидерот на Алтернатива Африм Гаши, придружуван од потпретседателот на оваа партија Хисни Исмаили, имаше средба со албанскиот премиер Еди Рама, објави Гаши на неговиот фејсбук профил.

На својот партиски профил како лидер на Алтернатива Гаши напиша: „Разговаравме за добрите односи меѓу Македонија и Албанија и за големата важност на отворањето на преговорите за пристапување на Македонија кон ЕУ, бидејќи од тоа зависи почетокот на преговорите и на Албанија. Нагласив дека, ако отворањето на преговорите за Албанија малку зависи од одлуката на Алтернатива да се приклучи кон актуелната Влада на Македонија, поради меѓусебната поврзаност на овие две држави на евроинтегративниот пат, ова е она што можеме најмалку да го сториме за Албанија.“ (https://zoom.mk/gashi-vlezot-na-alternativa-vo-vladata-e-ona-shto-mozheme-najmalku-da-go-storime-za-eu-pregovorite-i-za-albanija/).

Играјќи на картата на улогата на Албанците во „стабилното“ парламентарно мнозинство и опстанокот на Зоран Заев на премиерката фотелја во Македонија, бугарската држава се обидува да изманупулира меѓуетничка нетрпеливост во македонската држава. Со тоа би било реално да се очекува Бугарија да ги зајакне своите уцени кон македонската држава за да издејствува нејзините фалсификувања на македонската историја да бидат прифатени и „обзнанети како вистина“.

Се разбира, Европската Унија сите уцени од нејзините „миленичиња“ како досегашните од грчката држава, така и овие од Бугарија, не успева да ги види. Или пак, тоа се европски „демократски“ притисоци реализирани преку нејзините „маши“ за уништување на македонскиот народ со вековна историја на европскиот континет.