Македонците од Албанија во Канада го одржаа својот годишен банкет Св. Архангел Михаил

Во чест на големиот верски празник Свети Архангел Михаил, кој е заштитник на Македонците од Мала Преспа, Македонско друштвото “Мала Преспа“ од Канада на 23 ноември 2019 година го одржа својот годишен банкет, беше традиционална средба на сите Македонци кои потекнуваат од областа Мала Преспа, населена со етнички чисто македонско население.

Иселените Македонци од овој живописен крај своите традиции ги чуваат и негуваат и во Канада здружени во друштвото кое беше формирано пред 11 години со целпродолжување на македонизмот и во Канада.

Освен членовите на друштвото, како и секоја година присуствуваа и бројни Македонци од Канада, како и од Соединетите Американски Држави и од Англија. Во свечената програма настапија двете групи на фолклорниот ансамбл ,,Илинден,, од МПЦ Св. Илија од Мисисага кои по прекрасните сплетови на песни и игри од Македонија беа наградени со пригодна благодарница. Програмата ја водеше Мери Терпо, а за веселото расположение до раните утрински часови се погрижи оркестарот Балкан Ентертаинмент.
Повеќемина од гостите на годинешниот банкет си заминаа и со многу вредни награди од познати светски брендови кои беа доделени на традиционалната лотарија. Честитки по повод заштитникот на Македонско друштвото ,,Мала Преспа,, Св. Архангел Михаил и за многу години! (Македониум)